Вечерва (петок, 24-ти август) во летниoт клуб Сектор 909 ќе настапи техно диџејот и продуцент од Детриот (САД), Kenny Larkin.
Kenny Larkin е добро познато име на нашата публика, диџеј кој неколку пати гостувал во Македонија и направил незаборавни журки. Својата кариера ја започнува во 1990-та, a четири години подоцна, во 1994-та, го издава деби албумот Azymuth за Warp Records, албум кој според многумина до денес е ремек дело на техно музиката. По ова следуваат уште 3 албума, Metaphor за R & S Records (1995), The Narcissist за Peacefrog Records (2004) и Keys, Strings, Tambourines за Planet E (2008). Од неговите хитови можат да се издвојат Cirque de Sol, Groove и Glob, но огромен успех достигнува и со неговите ремикси на I Don’t Need A Cure For This, Go Deeper и Future.
Оваа година е дефинитивно негова година. На почетокот на годината тој се приклучи на издавачката и букинг империјата Cadenza и констатно е дел од нивните настани низ целиот свет заедно со Luciano, Reboot, Robert Dietz. Во полето на продукција доживеа успех со неговиот ремикс на траката Future на Inner City и Kevin Saunderson кој се искачи на врвот на сите топ листи. Како диџеј сеуште ги покажува своите исклучителни способности а неговиот сет на Еxit Фестивалот оваа година според многумина е еден од најдобрите на целиот фестивал. Сето ова навестува дека ова ќе биде една од најдобрите журки ова лето.
Како домашна подршка пред Kenny Larkin ќе настапи скопскиот диџеј Базел. Забавата започнува на полноќ, а влезот е 300 денари.