Со настапот на француската акробатка, Татјана Бонгонга, вечерва (петок, 03 јуни 2011 година) пред „Веро -центарот“ во Скопје, ќе почне шестото издание на најголемиот уличен фестивал „БАСКЕРФЕСТ 2011“.
Француската акробатка ќе оди по жица долга 75 метри, што ќе биде поставена на висина од 11 метри, а потоа сите уметници со парадна поворка, придружени од Градскиот оркестар, ќе се преселат на Плоштад Македонија, кадешто Бонгонга ќе ја изоди и жицата во должина од 94 метри, поставена на девет метарска висина.
Вечер, како и во сите фестивалски вечери до 12 јуни, германскиот уметник Еди Егал и уште двајца други артисти, ќе го изведуваат спектакуларното самозапалување.
Во рамки на „Баскерфест“ годинава ќе настапат околу 30-тина артисти, што во Македонија допатуваа од петнаесет земји, а кои што во овие десетина фестивалски денови ќе се претстават со над 400 акробатски, пиротехнички, жонглерски, музички и театарски изведби.
Изведувачите доаѓаат од Австралија, Канада, Австрија, Ирска, Нов Зеланд, Италија, Бразил, Велика Британија, Малта и други земји. Фестивалот наречен „најголем циркус под отворено небо“, ќе се случува на неколку локации низ Скопје, како што се Плоштад Македонија, Старата скопска чаршија и платото пред „Веро-центарот“ во Скопје.
По завршувањето на „БАСКЕРФЕСТ“ во Скопје, артистите ќе отпатуваат за Сплит, Шибеник и Будва, со што овој фестивал ќе добие уште еден епитет, „Најголем уличен фестивал на Балканот“.
Покровител на овој Интернационален уличен фестивал е Град Скопје.