На денешен ден (8 јануари 1951) во Софија умрел Војдан Поп Георгиев – Чернодрински, македонски патриот, револуционер, писател, театарски режисер, артист и основоположник на македонскиот театар.
Тој ги напишал првите страници на македонската драмска литература и ги удрил темелите на македонското театарско дело. Сето тоа го сторил во името на слободата на македонскиот народ. Делата на Чернодрински се непосредно инспирирани од македонското револуционерно минато.
Негово најпознато дело е драмата “Македонска крвава свадба”, што ја напишал во 1900 година, а премиерата се одржала во Софија, на 20 ноември 1900 година. Чернодрински потекнувал од свештеничко семејство. Учел во егзархиското училиште “Свети Климент” во Охрид, а потоа образованието го продолжил во Солун.
Во 1897 година бил учител во битолското село Могила, а потоа заминал да студира во Грац и во Берн, во Швајцарија.
Во 1900 година семејството на Чернодрински се преселило во Софија.
Роден е во селото Селци, Дебарско, на 15 јануари 1875 година.