Третото издание на фестивалот „Здраво Млади!“ ќе се одржи на 17 мај во МКЦ. Во најавата организаторите велат:
„Здраво Млади повторно со пресна музика, поучна, но истовремено разиграна и забавна, таа што ќе ви направи да “ви заигра срцето и запее душата” . Газиме веќе трета година по ред.“ – велат во соопштението.
„Од книгата со тазе рецепти, 13 слатки изведувачи од сите солени страни на светот, зготвени со една цел – преслушување и дегустирање на на нова и квалитетна музика со изразена еколошка димензија, која не ги загадува ушните канали. Оваа година, за денот да трае подолго а забавата до рано наутро, програмата ја спакувавме во еден цел ден, но во два, wait for it, фестивалски “стејџa” од кој еден на отворено, под романтичното распослано скопско ѕвездено небо. Ќе паѓаат комети. И чоколадни бомбици. Со многу мали, но сепак значајни чекори, од година в година ја збогатуваме програмата, ја правиме разнолика и шарена да ви ги обоиме деновите во најубави бои.“
Ви ја претставиме програмата на фестивалот. На Здраво Млади ќе настапуваат:
Фестивалот ќе го отвори loopstation атракцијата од Германија – Konrad Kuechenmeister, какафоничното лондонско машко-женско дуо Bitches, македонското гастарбајтерско електро поп дуо од Србија – Ти, атрактивниот дарк квартет од Белфаст, С.Ирска Girls Names, меланхоличната музичка мистерија од Канада – Chinawoman, високозаразната исландска електро-поп формација FM Belfast, македонските рап акробати број 1 – Green Out, психоделичниот surf 60’s disko punk indie surf post rock & more скопски бенд The John, домашните диџеи Game Over и Ulterior, најновото глобално денс чудо директно од Чикаго, САД, основополжниците на juke/footwork сцената DJ Rashad & DJ Spinn, а фестивалот ќе го затвори кросовер електро дуото од скопскиот андерграунд Кантон 6.
Одбројувањето започнува сега. Уште 30-тина дена до македонската нова година, фестивалот Здраво Млади.