Во рамки на Саемот на книга денеска (среда, 10 април) со почеток во 19:00 часот, Магор ќе ја промовира книгата „Црната кутија – утопија за дополнителната стварност“ од српскиот писател Владислав Бајац.
Промотор на изданието ќе биде Александар Прокопиев, а на промоцијата ќе присуствува и самиот автор. Промоцијата ќе се одржи во одделот за промоции на Скопски саем.
Романот „Црната кутија – утопија за дополнителната стварност“, награден со наградата „Борислав Пекиќ“, претставува возбудлив и одлично напишан еколошки трилер за уништувањето на културното наследство, за загадувањето со нуклеарен отпад и за забрзаната потрошувачка на иднината.
Означен во поднасловот како „утопија за дополнителната стварност“, Црната кутија покажува исклучителна актуелност, насоченост кон некои од најважните прашања на современиот миг, како и самосвесно истражување на конкретните и препознатливи „црни точки“ на модерната европска историја.
Во средиштето на овој интригантен роман се наоѓа течението на реката Дунав, од Виена до Белград. Високата политика, високата наука и високиот криминал се во најдлабоко содејство, при што некои од најважните европски археолошки наоѓалишта во нашето време стануваат точки на кои се депонира нуклеарен отпад. Бајац сугестивно раскажува за суровоста на крупниот капитал и за мастодонските корпорации кои го уништуваат минатото и сегашноста на генерациите.
Црната кутија е возбудлива приказна полна со динамика и акција, со пресврти и необични откритија за екологијата и за злосторството, за утопистите, за љубовта и предавството, како и за малата група завереници која со утопија се обидува да го одбрани својот свет.