In Memoriam Кирил Ристоски

Македонија остана без еден вистински актерски великан и одличен педагог. По кратко боледување на 62 годишна возраст, заврши животниот пат на Кирил Ристоски, актер, професор и декан на Факултетот за драмски уметности, при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

Во просториите на Драмскиот факултет во Скопје, каде што скоро триесет години ги учеше своите студенти на тајните на актерската игра, се одржа комеморативна средба на која присуствуваа голем број од неговите колеги актери, режисери, професори и познаници. Во негова чест присуствуваа и министерот за образование и наука Никола Тодоров и министерката за култура Канческа – Милевска.

На факултетската театарска сцена се прикажуваа дел од неговите изведби и фотографии од неговиот богат уметнички опус  со повеќе од 80 улоги од светската и домашната драматургија, исто како и над дваесет ТВ драми, ТВ филмови и серии, но и доста филмски остварувања меѓу кои и улогите во филмовите: „Пред дождот”, „Црвениот коњ”, „Јазол”, „Тетовирање”, „Тајната книга” и други. По прикажувањето на дел од неговата кариера со свои говори пред присутните се обратија неговите најблиски соработници.

Еве дел од обраќањата:

„Трпливо и доследно му беше посветен на нашиот факултет. Знаеше да сака и да го сакаат…“ – Лазар Секуловски, продекан на Факултетот за драмски уметности.

„ …Подоцна разбрав дека ме избрал за да има до себе човек кој размислува поинаку од него. Сакав студентите да видат велеше, дека во уметноста нема една иста вистина…“ – Зоја Бузалковска, неговата асистентка

„Денес над Скопје врне дожд, тој дожд се солзи од сонцето…“ – Владо Цветановски, режисерот и професор на Факултетот за драмски уметности

You May Also Like