Македонија членка на комитетот за разноликост на културните изразувања при УНЕСКО

Република Македонија стана членка на Меѓувладиниот комитет на УНЕСКО за заштита и унапредување на разноликоста на културните изразувања.

На иницијатива на Националната комисија за УНЕСКО на Република Македонија и Министерството за култура до УНЕСКО беше доставена кандидатура на Република Македонија за членка на Меѓувладиниот комитет на УНЕСКО за заштита и унапредување на разноликоста на културните изразувања.

Од вкупно 24 држави – членки во Комитетот, изборот на 12 членки по електорални групи се изврши за време на Третата редовна седница на Конференцијата на државите – членки на Конвенцијата за заштита и унапредување на разноликоста на културните изразувања која од 14 до 17 јуни 2011 год. се одржа во седиштето на УНЕСКО во Париз, Франција.

По постигнатиот консензус, во втората електорална група беше потврден изборот на Република Македонија и Ерменија, со мандат од 4 години.

Инаку, Република Македонија ја ратификуваше Конвенцијата на УНЕСКО за заштита и унапредување на разноликоста на културните изразувања на 2 април 2007 година и го депонираше инструментот за ратификација до УНЕСКО на 22 мај 2007 година, со што Република Македонија ја потенцираше својата цврста определба за модерен пристап во заштитата и унапредувањето на културните изразувања, како и во создавањето на услови за зајакнување на меѓународната соработка во областа на културата.

Меѓу другото на овој состанок се дискутираше и за стратегијата за Меѓународниот фонд за културна разноликост, каде даваме и доброволен прилог, за понатамошните активности на Комитетот и промоцијата на Конвенцијата за заштита и унапредување на разноликоста на културните изразувања, како и за доставувањето на извештаите за постигнувањата и реализираните активности на секоја држава – членка на оваа Конвенција, при што мора да се напомене дека од 195 држави – членки, само 28 имаа поднесено извештаи меѓу кои и нашата држава, односно Националната комисија за УНЕСКО.

You May Also Like