„Со љубов“ на Илија Цветковски е победник на фестивалот во Нанси

Документарниот филм „Со љубов“ на Илија Цветковски е победник во натпреварувачката селекција на Европскиот документарен филм, во рамки на 24-от Меѓународен филмски фестивал во Нанси.

Фестивалот заврши синоќа со проекцијата на најновото остварување на Владимир Блажевски „Годината на мајмунот“. Ова е и француската премиера на филмот на Блажевски, кој е познат на публиката во Нанси, бидејќи тука веќе беше прикажан „Панкот не е мртов“.

Жирито на меѓународниот филмски фестивал од Нанси, составено од француските режисери Мануел Санчез, Вансан Фроели и Селин Пјер, едногласно го избраа „Со Љубов“. Станува збор за документарен филм посветен на пензионираниот професор по биологија Дионис Пашлаков од Неготино и неговата страст за олдтајмери.

„Со Љубов“ е едноставна приказна за поранешен професор што има над сто стари автомобили од кои повеќето не работат, но секоја вечер тој спие во нивна близина, сонувајќи дека еден ден неговата невообичаена колекција ќе прерасне во голем музеј. Правејќи торти за неготинските прослави, неговата жена Гоца ја поддржува страста на Дионис, плаќајќи му речиси за секоја негова нова стара кола.

Меѓународниот филмски фестивал од Нанси, чиј претседател и главен селекционер од 2013 година е Тони Гламчевски, повеќе познат на македонската јавност како дописник од Франција за повеќе македонски медиуми, годинава прави посебен осврт на новите текови во балканската кинематографија.

Во рамките на фокусот беа претставени филмови од Македонија, Грција, Албанија, Косово, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска.

Фестивалот во престижната селекција го прикажа и филмот на Ѓорче Ставревски „Исцелител“. Наградата ја доделува публиката, а резултатите од гласањето ќе бидат познати денес.

На фестивалот е поставена и изложбата на „Фотографското творештво на браќата Манаки во контекст на Првата светска војна“ од Роберт Јанкулоски. Изложбата чиј дел, по Нанси, ќе биде пренесен во Париз, а потоа и во Епинал во рамките на 50-годишнината од одбележувањето на збратимувањето на градот Битола со Епинал, еднаш веќе беше презенирана во Меморијалниот музеј во Каен, Нормандија.

Содржи 101 фотографија од браќата Манаки репродуцирани со дигитализирање и обработка на стаклените плочи кои се чуваат во Подрачното одделение на Државниот архив на Македонија во Битола.

Меѓународниот филмски фестивал од Нанси е од општ карактер и на него последниве десетина години се прикажуваат филмски остварувања на македонски автори.

За годинашното издание конкурираа 3.000 краткометражни и околу 500 долгометражни филмови. Од нив беа селекционирани 150 и за девет дена ќе има над сто проекции, концерти и траклезни маси.

You May Also Like