Неинформираност или преинформираност – Што е полошо?

Живееме во време во кое секојдневно секој од нас е бомбардиран со информации од сите страни. Социјалните мрежи, сајтовите и интернет комуникацијата направија не само да бидеме подложни на притисокот од мас информирањето, туку и истото да влијае врз одредени ставови, тенденции и видувања кај обичниот човек.

До пред само 30 години се’ се сведуваше на два три дневни весници, кои за да бидеш информиран требаше да ги купиш, радио се слушаше или дома или во автомобил, а имаше само една телевизиска вистина.

Денес информациите излегуваат од сите страни. Билборди, апликации, нашите телефони, стотици кабелски телевизиски канали, на социјалните мрежи, но и преку интеракцијата со нашите пријатели или пак одредени јавни и познати личности. И тие самите станаа своевидни медиуми и форма преку која се влијае врз ставовите и мислењето на масите.

Секако, како неизбежен момент тука е се и пласираните лажни вести, форми на манипулација, вадење зборови и сцени од контекст, до најновата форма на манипулација, вештачката интелигенција со која е можно да се направат монтажи кои би делувале вистинито, а не се. Кога во одредени научно фантастични филмови пред 20-30 години тоа го гледавме, ни делуваше неверојатно, сега истото е сосема изводливо, и секому достапно.

Интересно е како функционираат алгоритамите на дел од социјалните мрежи, посебно на инстаграм или пак уште по популарната тик ток. Имено, истите не работат пропагандистички, освен доколку не оние кои сакаат нешто да ви наметнат не платат. Интересно е што трендовите кои луѓето ги креираат се врз база на она што всушност тие и најмногу го гледаат. Па така, оној кој сака историја, ќе биде бомбардиран со историја, оној кој сака спорт, со спорт, а и оние кои следат видеа со политички теми, ќе добијат информации за вистината во која тие самите се одлучиле да веруваат.

Така само ќе ги зацврстат сопствените ставови, но и ќе се убедат дека сите останати мислат како нив, па потоа е многу тешко да таквите да допрете, затоа што тие се убедени во сопствената вистина и реагираат бурно на контра ставовите и аргументите. Реално, не секој има капацитет и умствена вештина да впие повеќе аргументи, да расуди и пресуди. Се реагира импулсивно, неразумно, и секој со својата вистина.

Токму затоа има се повеќе луѓе кои одат во целосно спротивен правец. Целосно се изолираат од медиумите. Не малку луѓе воопшто не гледаат телевизија, а се дистанцираат од социјалните мрежи. Можеби тие имаат најреален суд за тоа што се случува во општеството, затоа што нивниот суд за општествено политичките состојби го темелат врз секојдневните искуства кои ги имаат при функционирањето.

Сообраќајот, загадувањето, услугите, владеењето на законот и правото, бучавата, сметот и хигиената, урабанизмот… а доколку тоа не добиете како инфо од наш човек, едноставно прашајте странец. Тој ќе ви го даде судот низ очите на некој кој живее во некое по функционално или организирано општество.

Да се разбереме, не дека сметам дека на друго место се е сјајно и прекрасно. Но сметам дека иако сме дел од Европа, во срцето на Балканот, дека според менталитетот, матрицата, табиетот и формата на клиентелистички однос кон партиите и државата, сме заробени во свеста и со ограничени гледишта.

Не може за се репер да ти биде Србија, Косово, Албанија, и тук таму Бугарија или Грција, ако одиме на одмор.

Тука секој глуми жртва, и смета дека некој нешто му должи или пробува да наплати. Нема слободна пазарна економија, туку договорна. Затоа и не можеме да надминеме како држава годишен раст повеќе од 3-4%. Затоа е и реткост некој тука да направи пари да па инвестира на страна.

Токму затоа оние кои општеството и политиката тука ги ограничува, неретко газат за Запад и успеваат. Но, истите никогаш нема тука да се вратат, затоа што знаат дека хиените и медиокритетите никогаш нема да им го простат успехот и ќе се обидат да ги уништат.

За почеток ќе мора секој од нас, индивидуално да поработи на себе. На свеста, на вкусот, на светогледот. Интернетот и медиумите се слобода, но доколку бие самите не селектирате што и кому верувате, напредок нема. И јас понекогаш налетувам на одлични текстови на луѓе кои не ги почитувам. Но тогаш се присетувам кои се нивните дела и недела во животот, што се направиле, колку излажале, и се со што овој пат ме изненадиле го множам со нула. Слично како она овчарчето кое викало волк. Толку многу пати излажало, што кога волкот навистина дошол никој не поверувал на неговото лелекање.

Пак ќе речам, внимавајте кого го земате како репер за информации, а доколку не верувате никому, завртете се околу себе и погледнете како живеете и вие, и тие околу вас.

И секако, доколку нешто не чини, не потиснувајте. Кажете си, реагирајте, пријавете, пожалете се! Само така ќе се оправиме како нација. Нема друго!

Александар Ристевски

извор: Курир.мк

You May Also Like