Изложба „Градина“ на Ервин Ќатовиќ во Националната галерија на Македонија

Изложба на Ервин Ќатовиќ, ликовен уметник и професор од Србија, која ќе биде поставена во Мала станица од 17 ноември 2023, со официјално отворање во 19 часот.

Самостојната изложба на ликовниот уметник Ервин Ќатовиќ, насловена „Градина“, во Националната галерија за првпат ни го открива неговиот импозантен творечки опус. Лирскиот апстракционизам во комбинирана техника, преку наплив на колоритен израз, ни го фокусира погледот во длабочината на насликаното платно. Темата ни ја предава со композициско значење и живописно нѐ води во креативната сензација на реалниот свет. Тоновите се движат во богата палета на светли и темни, од нијанси на темнокафени, бургундско црвени до масивни нијанси на јарко црвени тонови, нијанси на жолта и смарагдна до виолетова боја. Формите во композициите се налик на емоционален или интинуитивен образец, со паралелна разновидност.

Тематски, Ќатовиќ нѐ води кон натуралистичка тенденција, репрезентативно отсликувајќи ја реалноста со користење на низа апстрактни моменти. Чувството на леснотија во потегот е повеќе од извесно и успешно нѐ води во хоризонтален формат, каде темните бои што асоцираат на животното искуство се претопуваат во просторот и времето, во жанровски реален состав. Спротивно на ова, композицијата се кохезира со јаркиот тоналитет во разбирањето на помоќното и попрецизното уметниково изразување. Неговите понови слики се на бела заднина со изблик на зелено-модар до окераст пристап. Боите во композицијата нѐ внесуваат во длабочините на употребените симболи и фрагменти од линии и вертикали, дури и геометриски форми, што води кон испреплетена разновидност.

Сликарството во оваа „Градина“ на Ќатовиќ ни ја доближува неговата природа на радост, топла лирика и емпатија, каде преку јазикот на уметничкиот израз ја обликува општата идеја на условно асоцијативните рефлексии.

Изложбата ќе содржи дваесетина слики во техника акрил на платно, изработени повеќето во период од 2022/23 година и неколку дела од постариот творечки опус.

Куратор на изложбата е Маја Крстевска, виш кустос во Националната галерија на Македонија.

You May Also Like