На 21 ноември 2024 година, во галеријата „Ранко Струмениковски“ во Битола, со почеток во 18:00 часот, ќе биде отворена изложба на графики од аргентинскиот графичар Леонард Готлиб, добитник на Гран При на Меѓународното графичко триенале во Битола. Во ексклузивно интервју, Готлиб зборува за наградата, графиката како универзален јазик, современите еколошки теми во неговите дела и неговите совети за младите уметници.
Леонард Готлиб е еден од најзначајните современи графичари, чија уметност ги спојува длабоката лична поетика и силната посветеност на општествено релевантни теми. Роден во Ресистенсиа, Чако, Аргентина, во 1958 година, тој денес живее и твори во Буенос Аирес. Неговото образование вклучува дипломи од престижните училишта за ликовна уметност „Мануел Белграно“ и „Прилидијано Пуејредон,“ а неговото творештво има оставено трага низ светот со самостојни изложби во Аргентина, Чиле, Уругвај, Парагвај, Колумбија, Шпанија, Германија, Италија, Словенија, Полска и Македонија.
Со повеќе од 100 учества на биенални изложби на три континенти и 17 меѓународни награди, Готлиб е уметник кој успева да ја пренесе универзалноста на графиката како дисциплина, истовремено оставајќи силен впечаток кај публиката. Особено значајна е неговата способност преку уметноста да ги обработува современите проблеми на човештвото, со фокус на еколошките теми. Неговото враќање во Македонија, по повод Гран При наградата на 11. Меѓународно графичко триенале во Битола, е уште една потврда за неговиот уметнички кредибилитет.
Вие сте добитник на бројни национални и меѓународни награди од областа на ликовната уметност, меѓу кои и наградата за уметничка извонредност од страна на Претседателот на Аргентина, а годинава сте добитник на Гран При на Меѓународното графичко триенале во Битола. Што претставува за Вас, оваа награда?
Л.Г.: Јас сум пресреќен поради тоа што сум добитник на Гран При на триеналето во Битола, Македонија, затоа што ова триенале е едно од најзначајните во светот, исклучително организирана од страна на маестро Владо Ѓорески. Наградата претставува поттик за секој уметник, таа е начин на давање на потврда дека сме на вистинскиот пат, но сепак, тие не се толку важни. Она што е важно е работата и само работата, а она што е најважно е задоволството да се работи. Јас сум привилегиран затоа што можам да живеам од мојата работа и можам да творам во моето ателје. Моето ателје е моето царство. Моето ателје е мојот дом. Моето ателје е моето место во светот, а наградите се свежиот воздух во него. Тие се радост за уметникот, но уметникот не работи за наградата, уметникот твори затоа што не може и не знае ништо друго. Моите дела ме однесоа да го запознаам светот и патувам каде што тие ќе одлучат, никогаш не ја избирам дестинацијата на моите патувања, делата се тие што ме носат да го запознаам светот. Друга многу важна работа е што го предавам знаењето на моите ученици – студенти на Универзитетот и што таму можам да го пренесувам моето искуство и тоа е толку многу пријатно, ме научи да се развивам во мојата работа, во мојот раст како уметник.
Во Вашето творештво, посебно во Вашата графичка изложба во Битола третирате еколошки, современи теми, коишто на некој начин се критика за современото живеење – во светот, воопшто. Колку тие теми имаат влијание врз публиката на којашто им се обраќате?
Л.Г.: Моите дела упатуваат порака, еден вид на еколошко четиво. Уметникот вообичаено го прави тоа што го чувствува, но не и дека вистинскиот уметник не размислува да го промени светот. Уметникот ја работи својата работа, верува во својата поезија, верува во тоа што го работи и ако успее да влијае на јавноста, на луѓето – тоа е фантастично. Тоа е како философот да ти помага да размислуваш. Во мојот случај, мојата работа ни помага да размислуваме за заштитата на планетата. Преку мојата работа се обидувам да ги натерам луѓето да набљудуваат и да внимаваат, за грижата на природата. Во моите дела можете да видите мегаградови кои растат на начин што им го вртат грбот на природата. „Плачот“ на градот е начин да изрази дека има болка, дека има животни и дека мора да се грижиме за нашиот дом, единствениот дом што го имаме, а тоа е планетата Земја – ова е на некој начин синтеза на мојата работа. Луѓето имаат можност да дојдат и сами да толкуваат и јас се чувствувам среќен и задоволен со своето „алармирање“.
Глобално се соочуваме со бројни предизвици и проблеми од гео-политички, безбедносни, еколошки и други проблеми. Колку уметноста, може да придонесе во промената на свесноста и соочувањето со апокалиптичната иднина на светот?
Л.Г.: Графиката е многу дарежлива дисциплина бидејќи им овозможува на многу луѓе да ја набљудуваат уметноста. Графиката дозволува уметноста да се „демократизира“ и тоа има врска со книгата, со пишаниот збор, бидејќи графиката беше начин книгата да се размножува. Тоа научно знаење од средниот век до појавата на графиката станува независно од печатењето и станува слободна уметничка манифестација, која има многу благородна историја и минато. Моето второ доаѓање во Битола е наметнато од добивањето на повторна покана за посета и навистина ми е драго што ова е град со луѓе коишто се многу заинтересирани за графиката. Графиката е една од најважните дисциплини на современата уметност бидејќи е поврзана со: фотографијата, технологијата, дигиталната уметност. Графиката за мене има многу посебен јазик, кој за мене е еден од највозвишените, таа е мојата музика, начин на изразување, таа е мојот живот.
Со вашето животно и уметничко искуство сте голема инспирација за публиката. Која е Вашата препорака за младите уметници?
Л.Г.: Мојата препорака кон младиот уметник или студентот по ликовна уметност е да ја почувствува болката од мастилото, да чувствува задоволство во текот на процесот на творењето и да го прави она што го налага неговата страст. Уметникот треба да биде роб на неговите најинтимни страсти, мора да го почитува она што излегува од неговата утроба. Мојата најголема препорака е дека секој што е заинтересиран и има желба да се посвети на уметноста, тоа да го прави без бариери, без пречки, трчајќи ги сите можни граници. Но за да стигне до врвот, мора прво да научи. За да си револуционер, прво треба да знаеш, да учиш и да работиш напорно.
Разговорот го водеше: Драган Ристевски
Превод од шпански јазик: Тара Мојсовска