Во Националната галерија на Македoнија (НГМ), изложбен простор Мала станица, утре (вторник, 22 ноември 2011 година), со почеток во 20:00 часот, ќе се отвори изложбата на Александар Станкоски, со наслов Нудизам.
Александар Станкоски во моментот е еден од најзначајните уметници на македонската современа уметност и воопшто еден од најреномираните мултимедијални уметници во Македонија. Оваа изложба го опфаќа неговиот најнов циклус со околу 300 дела, изработени во последните 4 години, каде авторот ја користи вечната тема на уметниците – актот, и применува од класицистички до апстрактен ликовен израз, со што концептуално создава една мала прошетка по сликарските стилови од историјата на уметноста.
Станкоски со оваа изложба истражува повеќе аспекти од човековото постоење и историјата на уметноста и ги истражува потсвесните човекови сексуални нагони и искуства визуелизирајќи го интимното и по малку перверзното во секој човек, балансирајќи на границата на еротиката (линијата меѓу еротиката и порнографијата е често субјективна), со цел да ги надмине и да ги ослободи табуата за човековата сексуалност.
Како и досега, во творештово на Александар Станкоски е присутна постојаната дихотомија и испреплетување меѓу фигуративното и апстрактното сликарство и, гледано од ликовен аспект, не е возможна стилска систематизација од еден историчар на уметноста, туку само перцепирање на идејната подлога, што отвора и полемика за можен идеен концепт со идеолошки и политички размери во двојбата во однос на класицистичкото претставување во уметноста на десноориентираните политички сфаќања и модернистичкото сфаќање на левичарската политичка ориентација за претставата на уметноста…
Со оваа изложба Александар Станкоски дава свое видување за интригантноста меѓу јавното и приватното, каде што играта на тоа што е скриено, а што е видливо е есенцијалната состојка во еротиката и сексуалноста и со јазикот на уметноста говори за постојаниот човеков нагон и чувство на сексуално ослободување и повисока свесност.
Изложбата е финансирана од Министерството за култура на Република Македонија. Изложбата ќе ја отвори г-ѓа Маја Крстевска директор на Националната галерија на Македонија.