„Гејм чејнџ“ или „Гејм овер“?

Навистина ми е непријатно кога слушам изјави на премиер на држава кога тресе зелени, со кои наидува на потсмев кај секого. Исто така, непријатно ми е кога праќа пораки за општо народни делби и омраза, а повикува на обединување. Кое црно обединување, кога вчера најави дека доколку Шилегов победи ќе ги рушиш сите обележја во центар на Скопје? Кој здрав човек дава таква талибанска изјава? Страшно!

Паниката која ги зафаќа одредени кандидати од власта, црната кампања со фабрикувани вести, кога се нема ниту морал, ниту етика, каде се удира по приватноста, фамилијата, најблиските, кога се измислуваат бројки, суми, настани, е само со една цел: Да се рече сите се исти, да се дефокусира од несработеното или аферите кои се вртат за нив самите. Ништо друго.

Токму она што во изминатите десет години се зборуваше, дека претходната власт отворала патишта, школи, чешми и што ли уште не во кампања, токму сега се прави, тродупло. Имате ситуација на почеток на градба на булевар или мост за кој уште нема на тендер, ни финален проект, ама лопати се фрлаат во присуство на цела Влада.

И како што гледате самите, ефект никаков. Сето тоа се појача екстремно повеќе пред вториот круг. Очај. Нема веќе борба на ставови и идеи. Само зла крв од власта, а желба кај обичниот народ да се ослободи од репресијата. Секоја политичка структура треба и мора да сфати, дека со сила, со поткуп, со уцени и закани, посебно кај сиромашното население и кај Ромите, е контрапродуктивно, и за тие кои го спроведуваат истото, долгорочно, но и за самата држава, во моментов.

Актуелната власт мора да сфати, овие избори во основа им се изгубени. Обидот да спасат што можат, поготово на начинот на кој тераат, не води никаде. Несомнено дека ќе извојуваат победа во сигурно уште 10тина општини, пред се помали гратчиња и селски општини. Но, факт е дека го изгубија речиси цело Скопје и сите најголеми градови.

Анализите со кои ја потценуваат победата на здружената опозиција, дека тоа било победа со слаб резултат не држат. Да ги свртиме нештата поинаку. Губењето на речиси сто илјади гласа на владејачката структура, огромниот пад на бројот на советници, поразот уште во прв круг на најголемите градови доволно зборува за народната волја. Сето ова што го прават за да задржат или освојат што можат, само креира дополнителни поделби и зла крв, а како што самите велат, обединување. Не знам само со кого би се обединиле? Тие кои не гласаа, или гласаа за други и кажаа што мислат за нив и нивните политики.

Очекувам присебност кај народот, и кај целата опозиција на денот на изборите. Исто времено, и одлучност и непоколебливост за тоа да не се дозволат нерегуларности и неправилности. Самиот процес на гласање со отпечаток од прст тоа го нуди, и спречува разни измами.

Токму затоа, во недела, уште рано на сабајле, уште од седум часот, излезете и завршете ја вашата граѓанска должност, гласајте и покажете го јасно својот став за тоа кој сакате да ја води вашата локална средина. Не дозволувајте да подоцна ве фатат гужви и тоа да ве поколеба. Во ваши раце е тоа да одлучите дали ќе влезете во фазонот на нечиј „гејм чејнџ“, или јасно и нему, и на таквите ко него ќе им кажете: Доста беше! „ГЕЈМ ОВЕР!“.

Александар Ристевски

извор: Курир.мк

You May Also Like