Петрит Сарачини има повеќе од 15 години работи во областа на медиумите како професионален новинар, уредник, продуцент, програмски менаџер и колумнист. Специјализирал за известување од областа на културата и различностите, како и за граѓанско новинарство.
Има повеќегодишно искуство во спроведување обуки и консултации за односи со јавноста и комуникација во јавниот и граѓанскиот сектор, како и искуство во развивање на ПР и комуникациски стратегии за различни организации. Дипломирал новинарство на Правниот факултет во Скопје, а во моментов е студент на последипломски студии на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста.
Со оглед на вашето новинарско искуство, моето прво прашање се однесува на денешнава новинарска работилница во рамките на проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во соработка со МИМ. Па како се чувствувавте во теков на овие два дена како директно инволвиран во обуката и како сте задоволен од одзивот на медиумите и новинарите за овој проект?
-Да ви кажам искрено МИМ навистина се вложи во оваа рабоитлница, само на почеток очекувавме поголем интерес од редакциите, но можеби тоа беше поради нивните дневни работни обврски. Како и да е, ние сме задоволни од ова позитивно и конструктивно искуство, како што се изјаснија сите учесници и наидовме на одличен фидбек од сите присутни новинари. Тие навистина партиципираа активно во работилницата и отворено ги изнесоа своите ставови во однос на етничките прашања, како и за темите од мултикултурализмот и етничкиот диверзитет. Воедно, веруваме дека стекнатите знаења ќе ги применат во нивната новинарска практика и дека нема повеќе да настапуваат со предрасуди кога работат на овие сензибилни теми. Тие имаа можност да го разменат своето искуство, да разговараат отворено на етнички прашања и да увидат самите преку денешната тет-а-тет средба на македонски и албански новинари колку понекогаш нашите предрасуди не одвојуваат од претставување на настаните во вистинското светло и реалното презентирање на општествената стварност, што е една од клучните улоги на медиумите во денешново современо општество.
Во тој контекст, каде вие го лоцирате главниот проблем со предрасудите кои ги имаат поголемиот број новинари, па дури и поискусните кои работат на теми од етнички карактер?
-Таа стереотипизација на маргинализираните групи се поттикнувала и развивала низ годините и денес е веќе длабоко вкоренета во нашата култура, така што сите медиумски работници, институти и компетентни стручњаци, како и активисти треба да се насочат кон развивање позитивни клима во меѓуетничките односи и кон промена на односот кон етничките прашања со поголем сензибилитет.
Колку сметате дека МИМ придонесува за подобрување на меѓуетничките односи и на кој начин?
-Ние имаме директен контакт со сите редакции и се трудиме преку поддржување на ваквите проекти да го помогнеме подобрувањето на квалитетот на соживотот во нашава земја, бидејќи знаеме дека етничките односи се особено чувствителни. Особено инситираме ваквите проекти да се имплементираат во образовниот процес, бидејќи токму таму се изградува карактерот на една индивидуа. Исто ја помагаме меѓуетничката интеграција преку нашите наставни прогами и предмети во Високата школа за новинарство и односи со јавност, така што се трудиме да ги промениме ксенофобичните и стереотипни парадигми кои за жал се повеќе правило, отколку исклучок.
Кој е вашиот став во однос на тезата дека јавноста се повеќе сака да чита негативни и бомбастични стории, а со тоа и медиумите им сервираат вести какви тие сакаат да конзумираат, поконкретно – црна хроника?
-Тоа е деформитет на нацијата кој мора да се лекува, бидејќи не гледам ништо добро во конузмирањето негативни вести, наместо конструктивни стории од институции и релевантни фактори кои одговорно, компленто и доследно ги извршуваат своите задачи. Јас верувам дека насекаде околу нас има вести во позитивен конотекст за различни достигнувања, признанија и успеси само треба да имаме новинарски сенс за да ги препознаеме и да ги дистрибуираме до јавноста преку медиумите.
Како го прифаќаат студентите вашиот обид за поттикнување на мултикултурализмот, и развивање поголем интерес за етничкиот диверзитет, наспрема сепарацијата и стереотипизацијата во однос на различните етнички групи?
– Па мислам дека се повеќе се отвораат за нови сфаќања и дека успеваме колку толку да им помогнеме во изградувањето нови ставови се со цел подигнување на свеста за различностите, бидејќи преку откривање на другиот, ние се спознаваме подобро себеси.
Кои се вашите идни планови и во кои други проекти од ваков карактер учествува МИМ во моментов?
– Работиме на повеќе проекти, но главно сме фокуисирани на меѓуетничката интеграција во основните и средните училишта која продолжува понатаму и во високото образование.
Ивана Чичоска