Александар Шпатов (писател од Бугарија): Англичаните го имаат „Хари Потер“, а ние и „Хари Потер“ и „Итар Пејо“

Во денешно време се чита повеќе од порано, но многу е битно како се чита. Се чита побрзо, но со помалку разбирање, без внимание и квалитет. Затоа е важна литературата, таа помага да се разбират нештата, затоа што книгата ја читаш потонувајќи во неа. Тоа влијае не толку на знаењето колку на развојот на размислувањето – вели Александар Шпатов, еден од позначајните млади автори на бугарската книжевна сцена, кој го сврте вниманието на читателската публика кон кусиот расказ, посебно со приказните за Софија „#ВоЖивоОдСофиja“.

Шпатов е правник  со долгогодишно искуство во адвокатска канцеларија, докторанд на студиите по Теорија на читање и основач на Градската читална во Софија (http://www.chitalnyata.bg/), нова значајна инфо точка на градот. Добитник е на националната награда за најдобра дебитантска проза (2005) и на наградата за литература на Софија (2015), а автор е и на книгите „Календар на приказни“ (2011), „Приказни во фуснота“ (2008, објавена и на германски јазик), „Фусноти“ (2005). Во 2015 година излегува збирката „Том 2.0“, која е обновено реиздание на претходно наведените три збирки раскази.

Шпатов е претседател на Здружението на градски читалници од Софија. Летово еден месец престојуваше во Скопје на резиденцијата „Апсолутно модерни“ во организација на издавачката куќа „Готен“.

Kако книжевноста го потисна правото од Вашиот живот?

  • Поминав доста време во адвокатска канцеларија, во тешка канцелариска работа, не онаква како на филм: адвокат кој трча во судница и моќно говори. Многу повеќесе занимавав со пишување и попишување и тоа на правен јазик, а правниот јазик е најлошиот можен јазик. За да нема двосмисла, за да биде прецизно, еден збор се повторува многу пати. Литературата пак е спротивно од тоа. Слободно можам да кажам дека јас повеќе време сум поминал учејќи како не треба да се пишува, отколку како се пишува. Многу полесно ќе ми беше да напишам книга со собрани правни договори (се смее).

Зошто раскази?

  • Никогаш не сум пишувал ништо друго. Имав желба и обиди и за поезија, ама тоа не сакам никој да го прочита (се смее). Расказите не одземаат многу време, ќе го прочиташ расказот и тука застануваш, што не е случај со романот. Инаку Бугарија има долга традиција на пишување раскази, многу подолга и подобра отколку поетската или романескната. Интересно е дека најчесто расказите беа поврзувани со селото, па кога некој како мене напиша раскази за градот, веднаш ги нарекоа градски раскази. Сега имаме селски и градски раскази. Најверојатно беше чудно некој да пишува за Софија, затоа јас напишав книга само за Софија “#ВоЖивоОдСофиja (2014),  објавена и на англиски јазик. Тоа се покажа и како многу згодно за дефинирање : „имам книга за Софија“ и точка.

Читајќи ја „#ВоЖивоОдСофиja“ добив желба да го посетам градот, но и чувство дека го сакам тој град и без да го видам.

  • Одлично. Ако има македонско издание на книгата би сакал ова да стои запишано во него. Всушност, тоа е и идејата. Литературата ти дава повеќе место за имагинација, да ги претставиш нештата поубаво од што навистина се. Во принцип, за Софија се говори како за многу студен, нечист град, тоа е некоја оставштина од комунизмот, но јас сметам дека Софија е топол град, убав град. Сакав да е Софија во мај, да не е зима. На пример на средина од книгата има две празни страници, расказот се вика „Пиво пред Народниот театар“, тоа е во центарот на градот, само со една забелешка – време е за одмор, седнете со пријателот на пиво  и приказните доаѓаат сами . Мислев дека е тоа многу интересно, Софија за мене е многу убава на лето, па сакав да ги натерам читателите да го видат тоа, макар и на два часа

Критиките за книгата се одлични, но тие доаѓаат од стручни читатели. Што велат обичните читатели?

  • И да не зборувам само за моијата книга, ќе кажам дека расказите малку се читаат и при тоа луѓето велат дека или многу им се допаѓа или ги сметаат за глупости. Раскази генерално малку се читаат. Откако работам во Читалната, сфаќам дека и малку се бараат, но оние што читаат – читаат навистина квалитетно, а тоа е веќе нешто. Јас конкретно сум добивал и коментари – многу ми се допаѓа. Знам дека и на мајка ми многу и ’ се допаѓаат моите раскази (се смее).

Бугарија во споредба со Македонија има поголема книжевна сцена, поголема читателска традиција, публика, книжарници. Каков е статусот на бугарските писатели?

  • Ова е навистина утешително, дека има помали и од нас. Ние се споредуваме со Белгија и велиме дека сме мал пазар, мала традиција и слично. Се пишуваат многу книги, малку се читаат и ова посебно важи за нашата, а најверојатно и за вашата домашна литература која не поминува низ никаков филтер. Странските поминуваат низ повеќе филтер, а нашите речиси низ никаков. Се издаваат секакви книги, па дури и со многу грешки. Се случува човек да прочита и лоша книга. Јас настојувам да купувам и читам современи бугарски автори, но и странски затоа што ми е важно животот што ми се случува да го прочитам и низ гледна точка на литературата. И пак ќе кажам, сепак имаме потреба и од свое. Често помислувам дека Англичаните го имаат Хари Потер, но ние сме побогати, го имаме и Хари Потер, но и Итар Пејо (бугарски Хитър Петър, наша заб.). Верувам дека и во денешно време литературата е конкурентна на другите уметности.

Теорија на читање, пишување раскази и искуството со Читалната, како сево ова влијае на вашата верба во Книгата? Опстојува ли таа во време на интернетот?

  • Луѓето што читаат на интернет, повеќе ја сакаат лиетратурата поради квалитетот, поради поинаквото чувство и доживување. Мене на пример многу ми помагаат различните сајтови за книги и тоа е олеснително. Од друга страна оние што имаат навика за читање – читаат, оние кои немаат – тешко ја добиваат. Литературата бара време и внимание. Филмот можете да го пуштите, да го стопирате, да заспиете, па пак да продолжите и да го изгледате. Со литературата не е баш така.

Какви беа вашите очекувања од резиденцијата во Скопје, што од нив се исполни?

  • Тоа што сакав да го направам – го направив. Сакав да го запознаам Скопје, го видов, го почувствував. Една седмица бев низ Македонија, бев во Дојран, Охрид, Битола, во Бигорскиот манастир, на најубавиот фестивал – Д Фестивал. Ја почуствував Македонија, запознав многу луѓе и ниеден немаше лош збор или лошо однесување поврзано со Бугарија. Е тоа не го очекував. Според весниците, медиумите и политиката нештата поинаку звуча,но не е така, и тоа беше најрадосното сознание за мене. Друга голема радост беше дека лесно можев да се разберам со секого. По таткова линија сум од Егејаска Македонија, Костурско, Шпатови се од таму, а по мајчина линија од Ресен, значи поврзан сум со Македонија и ми недостга уште пасош од тука. Сега за прв пат бев и во Охрид и многу ми се допадна.

Колку македонската и бугарската книжевност имаат шанси во европски и светски рамки?

  • Кога бев на саемите на книга во Франкфурт и Лајпциг видов дека сите од Романија, Бугарија, Македонија, Балканот одат на американските и англиските штандови, меѓу себе скоро и да не се посетуваат, сите чекаат средби со големите издавачи и големите јазици, а меѓу себе дури и не си прозборуваат. Веќе кажав, за мене литературата е зборови. Ако имаш талент, идеја и зборови, секоја книга на секој јазик е добра книга. На пр. „Разговор со Спиноза“ на Гоце Смилевски е светско дело, „Физика на тагата“ на Георги Господинов исто така. Имаме голема недоверба, кога бираме, сакаме да одеме на посигурно. Треба да се работи напорно на тоа во Македонија да се избере бугарска книга или грчка, и обратно. Нема да е лесно, затоа што се чини дека полесно е да се изберат американски или англиски автори. Сепак според мене се’ се сведува на личен избор. Зошто да читаш за нешто што ти е далечно, измислено, кога можеш да читаш нешто блиско.

На билатерален план – можат ли литературата и уметноста да направат нешто што не може политиката?

  • Уметноста е искуство, таа оди во длабочина, а политиката е плакат. Едно е да читаш плакат, а друго е да читаш книга. Нам ни се потребни искуство, патувања, да се запознаат и да се разберат луѓето и нашите две земји меѓу себе. Границата е толку близу и нема причина да не се патува, само треба да се знае дека има разлика од еден час и роаминг. Тоа е се’. Границите се онаму каде што е роамингот.

Александра Јуруковска

You May Also Like