29 најнадежни продуценти од цела Европа се дел од проектот Producers on the move (Продуценти во движење), иницијатива на European Film Promotion во соработка со Европскиот филмски фонд Еуримаж, кои ќе бидат претставени во склоп на годинешниот Кански филмски фестивал.
Producers on the move е настан кој се одржува на годишно ниво и претставува збирно место за остварување контакти со филмски професионалци и можна копродукциска соработка на актуелните проекти.
За време на четиридневната програма која се одржи во периодот од 18 – 21 мај ќе се одржат бројни работилници и состаноци на кои 29те продуценти, претставници од земјите членки на EFP, ќе добијат можност да ги презентираат своите тековни и идни проекти со цел размена на знаења, искуства и идеи со своите колеги од Европа.
Лабина Митевска од продуцентската куќа Сестри и брат Митевски е овогодинешниот македонски претставник во продуцентската мрежа, која изминатава година учествуваше во реализацијата на филмот „Жената која си ги избриша солзите“, премиерно прикажан во престижната програма Панорама на минатогодишниот Берлински филмски фестивал.