Oтворена манифестацијата „Kрушево-етно град“

Вчеравечер беше отворена манифестацијата „Kрушево-етно град“ на плоштадот „Никола Мартиноски“ во центарот на градот …

krusevo etno grad 2014

На плоштадот „Никола Мартиноски“ во Крушево синоќа беше отворена шестата манифестација „Крушево-етно град“. Градоначалникот Ѓорѓи Дамчески на отворањето рече дека манифестацијата е одраз на традицијата и културното богатство на Крушево.

– Традиционално по шестти пат започнува презентацијата на културните вредности и богатството со кое располага нашиот град. Повторно ги валоризираме, ги потврдуваме традиционалните вредности, односот кон крушевската чаршија, крушевските еснафи, кон илинденците, односот кон Републиката, кон хероите и јунаците кои во колективната меморија изградија вечен храм преку кој ќе можеме себеси да се потврдиме и да го определуваме нашето постоење во времето и просторот, истакна Дамчески.

Според директорот на „Музеј Крушево“ Зоран Богески, повеќе секојдневни настани опфаќа манифестацијата до 31 јули и, како и досега, го привлекува вниманието на бројните домашни и странски гости во Крушево.

– И годинава крушевчани ги пречекуваат гостите во традиционалните староградски носии, одлика на Крушево, но и во облеките на комитите, Турците. Манифестацијата носи и новини кои, според досегашното искуство ја збогатуваат манифестацијата. Застапени се работилници, пред се од изумрени занаети и занаети кои се афирмираат, согласно со програмата на Министерството за култура. Секој ден ќе има работилници кои во иднина ќе оспособат дел крушевчани да ги користат. По повод 160 години од Петре Филиповски-Гарката, еден од доајените на македонското копаничарство, предвидена е работилница за длабок рез под водсвото на Злате Крстески, претседател на Здружението на копаничари на Македонија. Предвидени се работилници за изработка на носии, за поправка и одржување на ориже, онакво какво користеле комитите, потоа работилница за ракотворби, за билкарство и секако богата културно–уметничка програма, вели Богески.

Богески најави дека денеска од 11 часот во галеријата „Мартиновски“ ќе биде отворена работилницата за ала-франга (староградска) облека од Крушево под менторство на Ванѓа Димитријева-Кузмановска од Технолошко-техничкиот факултет од Штип, потоа во копаничарски дуќан во чаршијата ќе биде одржана работилницата за коопаничарство под менторство на Злате Крстески, претседател на Здружението на копаничарите на Македонија. Вечер на градскиот плоштад ќе има ревија на староградска облека и фолклор.

Синоќа по свеченото отворање на плоштадот „Никола Мартиновски“ настапија квартетот „Максол“ , Зоран Џорлев, Бајса Арифовска и Ратко Даутовски.

Манифестацијата „Крушево етно – град“ се одржува по шести пат и е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија, Националната Установа „Историски музеј“ Крушево и Општина Крушево и ќе трае се до 31 јули 2014 година.

You May Also Like