Љубиша Георгиевски (30 мај 1937, Битола – 6 декември 2018, Скопје) — македонски театарски и филмски режисер, драмски писател и есеист, теоретичар на театарот и професор по театарска режија и актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје.
Дипломирал на Академијата за театар, филм, радио и телевизија, група „Театар и радио режија”, во Белград, 1974.
Како театарски режисер, има поставено преку 160 постановки во Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Бугарија, Романија, Полска и други држави, како и четири постановки во САД, каде на универзитетите во Јужна Калифорнија и Тексас предавал теорија на театарот и актерска игра. Неговите претстави се играат на повеќе од десет јазици и истите гостувале ширум Европа, од кои позначајни гостувања се во Москва и Виена.
Зборувал англиски, француски, италијански, руски, бугарски, а се служи и со словенечки, полски и романски.
Има објавено десеттина книги.[се бара извор] Како филмски режисер има режирано четири филма: „Под исто небо“ (1964), „Планината на гневот“ (1968), „Републиката во пламен“ (1969), „Цената на градот“ (1970).
Како новинар има напишано преку двесте авторски колони во „Дневник”.
Добитник е на повеќе од дваесетина награди во рамките на поранешна Југославија, како и наградата од критиката за претставата „Искушение” од Вацлав Хавел во Theater Center како најдобра претстава на театарската сезона. Неговите пиеси „Црна” и „Јованка Орлеанска” се играни со успех, а некои од нив сè уште се на репертоарот.
Добитник е на бројни награди за режија. Наградата „11 Октомври“ (1981), Наградата на Здружението на драмските уметници во СРМ (1962), „Војдан Чернодрински“ (1965, 1990, 1994), „Стерја“ (1965, 1981), „Златен венец“ на МЕС Сараево (1969, 1974, 1976, 1977, 1978), Награда на Зружението на театарските работници на БиХ (1972), „Јоаким Вуиќ“ (1974).
Други позначајни добиени награди му се:
– „4 Ноември“ на градот Битола (2012)
– Орден „Стара планина“ 1 степен (Бугарија) (2004).