Цуцлата остава штетни последици доколку се користи предолго

Бебињата и малите деца е речиси невозможно да ги видите без цуцла. Многу од родителите ги користат истите за да ги смират своите деца, но стручњаците се‘ почесто предупредуваат на последиците што може да ги предизвика прекумерното користење на истата.

Некои од последиците од предолгата употреба на овој омилен детски предмет за џвакање, може да бидат деформација на непцата, неправилна положба на јазикот, поткаснување или различен начин на голтање, што на крајот може да доведе и до тешкотии со говорот. Затоа е важно да се осознаат методите што можат да му помогнат на детето да се одвикне.

Според порталот „Веб-МД“ (WebMD), еден од најдобрите начини за постепено ограничување на употребата на цуцли, е да му ја дадете на Вашето дете само кога ќе спие. Исто така, подобро е да се користи пофалба наместо критика. Имено, пофалете го детето кога не носи цуцла, давајќи му хартиена ѕвезда како награда или нешто слично.

Она што е важно да се напомене, е и дека многу деца посегнуваат по цуцла поради здодевност. Во тој случај, најдобро е ако малечкото е зафатено со други „задачи“ и занимливости. Подарете му/ѝ играчка што му/ѝ се допаѓа или смислете некои забавно  образовни игри за да им го одвлечете вниманието од цуцлата.

За целосно отфрлање на цуцлата, се користат и други смирувачки начини како што е заспивање со нишање, со приказна за тоа како „цуцлата треба да оди на друго место“. Децата ја сакаат креативноста, па мислата „да бидат подалеку од цуцлата“ може да помогне полесно да се збогуваат со дотогашната нивна омилена занимација.

Важно е родителот да биде трпелив при одвикнувањето и да ги информирате за тоа оние кои секојдневно се во контакт со Вашето дете.

Конечно, важно е и времето кога ќе се почне со одвикнувањето од цуцлата. Тоа на пр. не треба да се случува кога детето е во тежок период, ако има уште еден, помал член во семејството, кога детето тргнува во градинка или на училиште и други битни промени во животот на детето во развој.

You May Also Like