Нашиот музичар со интернационална кариера Дуке Бојаџиев кој веќе 12 години живее и креативно создава во Њујорк, ќе соработува со познатиот американски режисер Џонатан Деми, добитник на Оскар за филмот „Кога јагнињата ќе стивнат“.
Деми е режисер на „Филаделфија“, „Манџурискиот кандидат“, „Вистината за Чарли“. Во 1992 година, Деми беше награден со Оскарите за најдобри филм и режија на незаборавниот трилер „Кога јагнињата ќе стивнат“, за кои златните статуетки им припаднаа и на носителите на главните улоги Ентони Хопкинс и Џоди Фостер и на авторот на адаптираното сценарио Тед Тели.
Во моментов, Деми ја работи пост-продукцијата на својата најнова драма „Страв од паѓање“, инспирирана од театарскиот текст на Хенрик Ибзен за архитектот заробен во сопствените фантазии. Улогите ги толкуваат Валас Шон, Џули Хегерти, Лиза Џојс и Лери Пајн.
Листата автори на музиката за ова филмско остварување ја предводи нашиот композитор Дуке Бојаџиев, кај за соработката со Деми појаснува:
„Пред две години накратко соработувавме со Деми на еден пилот-телевизиски проект, што се покажа како одлична прилика за Џонатан да се запознае со мојата музика. Така, бев поканет да бидам дел од музичкиот тим за неговиот најнов филм. Освен што напишав дел од музиката, поголемиот материјал од комплетната музика исто беше снимен во моето студио, бидејќи на Деми и продукциски му се допадна тоа што го работам, па инсистираше и другите теми да се снимаат кај мене. Навистина имав прекрасно искуство со еден врвен режисер, отворен и прекрасен човек, полн со креативен набој“ – вели Бојаџиев.
Музичкиот потпис на Дуке Бојаџиев веќе се најде и во филмот „Војната заврши“ на Митко Панов, а во моментов нашиот композитор работи на музичкото обликување на уште еден македонски целовечерен филм.