Заврши шестото издание на „Лица без маски“

Стручното жири на шестото издание на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“, во состав Васил Зафирчев, актер и уметнички директор на велешкиот театар, Сотир Трајков, новинар и театарски критичар од Телма Телевизија и актерот и пантомимичар Дарко Вељиќ, по гледањето на сите шест претстави од официјалната конкуренција на годинешниов фестивал, ја донесоа следнава одлука:


Гранд при наградата за најдобра претстава во целина, беше доделена на претставата „Убиј ги децата“, во режија на Фабио Омодеи, во изведба на Академијата за театар „Софија Амендолеа“ од Рим, Италија. Овој сценски спектакл го покажа светот на гротесктен начин низ театар на циркус. Во него доминираше колективната актерска креација, визуелнизацијата, одлична режија, во која со минималистички изразни средства беа критикувани светските центри на моќта, визави стравот за сопствената егзистенција на секој поединец вклучително и најмладите. Овој пацифистички театарски концепт во време на општа светска дезинтеграција, ги освои срцата не само на жири-комисијата туку и на публиката.

Наградата за најдобра режија жирито ја додели на Саша Ефтимова, за нејзиниот авторски проект „ФИЛМ“. Во своевиден бродвејски клуч таа прикажа театар на сенки со балетски изведувачи, што претставува освежување на нашата театарска сцена. Преку оваа претстава Ефтимова, промовира нови методолошки пробиви кои се движат на линијата меѓу современиот танц и театарот и во која таа го третира танцот не како изразно средство, туку како состојба на духот и преку него се обидува да го промислува светот како место за убавото во и околу нас.

Наградата за најдобра актерска игра му припадна на актерот Тодор Нисторов од бугарскиот театар „Ателје 313“ од Софија, заради креацијата во претставата „ДЕВОЛУЦИЈА“. Според жирито Нисторов прикажа суверена актерска креација која се движеше меѓу физичкото и емотивното со исклучителен усет за партнерска игра, беспрекорната пластичност при трансформацијата на слоевито креиран лик, но и простор за сопствено себе претставување. Поради точната, силовитата и длабоко емотивната актерска игра преку многуслојната драмска струкутра и поради чистината и едноставноста во третманот на пренесувањето големи идеи на мошне  едноставен начин.

Наградените се закитија со оригиналните плакети направени од филигран со сребро, кои го претставуваат логото на фестивалот, а истите се дизајн на мултимедијалната артистка, Марија Милошевска.

Годинешното издание на фестивалот „Лица без маски“, целосно го оправда слоганот „Ослободи се!“, со фантастичните претстави на гостите од Бугарија, Србија, Полска, Италија и Романија, а секако предизвик беше и отворањето со претставата „Филм“, во режија на Саша Ефтимова.

Во изминатите пет дена, македонската публика која ја имаше во голем број, беше сведок на несекојдневна театарска визуелизација и претстави со различни естетски предиспозиции и лесно консумативни пораки. Како куриозитет на фестивалот оваа година беа и работилниците кои ги одржуваа режисерите и актерите од гостувачките театри, за кои имаше огромен интерес не само од учесниците на фестивалот, туку и од македонските актери и режисери, што целосно беше исполнета мисијата на „Лица без маски“, за едукација и размена на искуства.

You May Also Like