„Скопските солисти“ го одржаа Божикниот концерт

Вчеравечер (вторник, 8 јануари) во преполната Универзална сала, во која се бараше билет повеќе камерниот оркестар Скопски солисти заедно со своите (интер) национални гости, нашиот тенор со светско реноме, Благој Нацоски и гостинката од Италија, познатиот сопран Марчела Орсати Таламанка, под диригентската палка на уште еден Италијанец, маестро Алесандро Д’Агостини, буквално ја кренаа публиката на нозе.

Во лежерна и опуштена празнична атмосвера Скопските солисти во првиот дел на концертот со префинета леснотија ги изведуваа делата на Респиги и Хендел, маестрално  водени од диригентската рака на маестро  Д’Агостини, проследени со одлич ните соло настапи на Таламанка и Нацоски, завршувајќи го првиот дел со звуците на популарната Штраусова,  Пицикато полка.

По паузата, следуваа оркестарската изведба на Карменовата свита од Бизе,  фантастичните настапи на Таламанка и Нацоски огледани во нивната дует изведба на Моцартовата, Аве Верум Корпус, или соло изведбите Шубертовата, Аве Марија (Нацоски) и Песната за Ноел на Адолф Адам (Таламанка) чии моќни, а воедно нежни  вокални изведби исто толку сигурни и добри како и нивните настапи на најпознатите оперски сцени ја разгалија публиката и потсетија дека и Скопје може да биде светска музичка метропола. Дека за тоа имаме можности, капацитет, уметнички потенцијал и знаење, а Бога ми и публика која знае да го препознае вистинскиот квалитет и да го награди со громогласни аплаузи и стоечки овации ,  покажа маестралната завршница на Божиќниот концерт.

Во неа  покрај  бравурозните соло и дует изведби на Таламанка и Нацоски на споменатите дела, вистинска експлозија од одушевувања и  бура од емоции предизвика сплетот од македонски изворни песни во класични аранжмани Суита Македонија, специјално подготвен за оваа прилика од маестро Д’ Агостини, кои во придружба на камерниот оркестар  Скопски солисти на сцената на Универзална сала зедно ги отпејаа Благој Нацоски и Марчела Орсати Таламанка. Уште еден доказ дека македонскиот фолклор звучи светски во било каква стилизација, па дури и спакуван во класични аранжмани  и отпеан во класична изведба.

 

Поситителите на Божиќниот концерт со задоволство ги проследија и двата биса  плескајќи во ритам на звуците на изведбата на Унгарскиот танц, додека Благој Нацоски, Марчела Орсати Таламанка и маестро  Алесандро Д’Агостини од сцената дополнително ја анимираа воодушевената публика во преполната Универзална сала. Завршница каква што оддамна не се памети ниту на концертите на лесни ноти, а камо ли на изведбата на дела од светската класика.

Годинешниов Божиќен концерт на камерниот оркестар Скопски солисти повеќе од сигурно ги оправда очекувањата, покажувајќи  дека  со право прераснува во традиција која има иднина, како и фактот дека македонската метропола има се помогубројна  и се помлада публика која со својот истенчен вкус  и култивиран однос знае да ги препознае вистинските вредности и да ги награди со купена влезница  и громогласен аплауз, елементи од кои и за кои  вистинските уметниците живат. Та биле светски, наши или обете, заедно!

You May Also Like