Вчера (четврток, 30 мај) во Порта Македонија беше претставена нова едиција од вкупно 50 наслови од проектот „Ѕвезди на светската книжевност“.
Пред бројни гости, меѓу кои и претседателот на Владата, Никола Груевски, академик Митко Маџунков, претседател на комисијата за проектот „Ѕвезди на светската книжевност“, членови на редакцискиот одбор, писатели, преведувачи, лектори и директори, Канческа-Милевска истакна дека оваа едиција нашата држава ја позиционираше меѓу големите сили кои со почит го негуваат и го промовираат наследеното светско книжевно богатство.
– Во изминатиот период беа реализирани неколку навистина крупни зафати кои не само што ни помогнаа да го надминеме повеќедеценискиот застој во македонската преведувачка и издавачка практика, туку овие проекти детерминираа еден нов и траен импулс во културното живеење на нашата држава, рече Канческа-Милевска. Таа појасни дека преку проектот се овозможи за прв пат, на македонски јазик да се преведат книжевни творби кои се од исклучително значење за светската литература.
Проектот „Ѕвезди на светската книжевност“ претставува културно множество на жанрови од источната култура, старата грчка и римска книжевност, средновековни дела, дела создадени во времето на ренесансата, барокот, класицизмот, предроматизмот, романтизмот и реализмот, 560 литературни преводи на македонски јазик кои ни ги доближуваат културните особености и лингвистичките длабочини на многу автори.
Со промоцијата на денешните 50 дела, на македонската читателска публика и се достапни 149 преведени дела од едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“, меѓу кои се и остварувањата на Петрарка, Булгаков, Дефо, Ружди, Џојс, Лесинг, Иго, Дикенс, Кавабата и многу други автори кои се дел од плејадата на великаните кои ја испишаа светската книжевна историја.