Изолжбата што ќе биде отворена во четврток (21 јуни) со почеток во 20:00 часот во салонот „Империјал II“ под наслововот „Поврзувања“ (Easy Connected) опфаќа дела од 15 уметници од Македонија, Србија и Бугарија, поточно по пет учесници од секоја земја пријавени на повикот за учество, а темата се однесува токму на нивното поврзување.
„Како основа на проектот се вклучени дела кои на различен начин го обработуваат проблемот на цртежот. Предмет на обработка е современиот третман на цртежот како самостојно остварување кај група автори од различни генерации, кои го негуваат интересот за цртежот како автономна категорија. Како елементи за актуелизација на медиумот цртеж можеме да ја наведеме непосредната природа на цртежот и релативно брзата и едноставна техничка изведба поврзани со интимната природа на цртањето како процес“ – се вели во текстот што за изложбата го напиша Маја Чанкуловска Михајловска.
Изложбата „Поврзувања“ е во организација на Арт Фактор и Дирекцијата за култура и уметност на град Скопје , а во рамките на „Скопско лето 2012“.