Вечерва со почеток во 19:30 часот во Сули Ан во Старата скопска чаршија че се отвори изложбата “Визуелно размислување” …
ВИЗУЕЛНО РАЗМИСЛУВАЊЕ, Факултет за ликовни уметности, УКИМ, Скопје, Автор на проектот: вон.проф. м-р Славица Јанешлиева-Бачварска, Ко-автори: доц. м-р Ладислав Цветковски и доц. м-р Гоце Наневски, Учесници: Блаже Атанасков, Петар Денков, Маја Ѓорѓевиќ, Марко Илиевски, Стефан Јакимовски, Методија Јорданоски, Андреј Лавчански, Ева Маркудова, Ѓурѓица Станоева, Драганчо Таневски и Африм Шакировски.
Проектот е реализиран со финансиска поддршка од Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Визуелната писменост се дефинира како способност за интерпретирање слики, но воедно и способност за креирање визуелни дела кои треба да комуницираат со идеја и концепт.
Во време кога информациите се брзи, ефтини и неограничени, се соочуваме со проблемот како да ги споделиме на начин кој е прониклив и забавен.
Проектот „Визуелно размислување“ има за цел да го зголеми учеството на студентите во наставниот процес и во создавањето нови стратегии преку изучување на теоријата, како и преку практични истражувања, експериментирања и употреба на различни медиуми.
Во проектот „Визуелно размислување“ учествуваа единаесет студенти од 2-ра година на Студиската програма по графика. Тие, низ рализираните предавања и работилници (од идеја, преку истражување, практична работа, дискусија и согледување) преку визуелизација на информацијата, со ентузијазам, создадоа дела во кои се обидоа да пренесет комплексна информација, но истовремено да побудат и емоција. Во делата одговорија на една од трите зададени теми: Еден ден (24 часа) претставен низ фотографија и текст, Идентитет претставен низ фотографија и текст и Вчерашниот ден претставен со боја и форма.
Имагинацијата е најубавиот аспект во творењето, односно авторот има дарба да создава нови светови, интересни карактери и ситуации кои содржат потенцијал на било која тема да комуницираат со публиката.