Денеска (петок, 5 октомври, 2012 година) со почеток во 20:00 часот на големата сцена на МОБ ќе се изведе реприза на операта „Лучија ди Лемермур“ од Гаетано Доницети, со која во вторникот се отвори новата сезона во МОБ.
Претставата ќе ја води реномираниот диригент Алесандро Д’Агостини (Италија).
Режисер и сценограф е гостин од Италија-Лев Пулиезе. Костимограф е Марија Пупучевска.
Во улогата на Лучија за прв пат ќе настапи нашиот млад сопран Наде Талевска, во улогата на Енрико е Ристе Велков, Ѓорѓи Цуцковски е во улогата на Едгардо, Маријан Николовски во улогата на Артуро и Владимир Саздовски во улогата на Рајмондо.
Настапуваат хорот и оркестарот на МОБ.
„Лучија од Ламермур“ е трагична опера во два чина. Салваторе Камарано го пишува либретото според новелата на Сер Волтер Скот „Невестата од Ламермур“. Оваа опера е една од водечките белканто опери во светската оперска литература. Операта премиерно е изведена на 26.09.1835 г. во Театро Сан Карло во Неапол.
Дејството во оригиналното дело на Сер Волтер Скот се базира на вистинска случка во историјата на фамилијата Стер. Настанот се одвива во Ламермур, место во Шкотска во 1669 г.