„Македонска реч“ неодамна го објави романот „Комо“ на српскиот писател Срѓан Валјаревиќ, во рамките на едицијата „Сто словенски романи“. Ова едиција е проект на Форумот на словенските култури. Република Македонија е меѓу најактивните реализатори на оваа едиција и овој роман е седми по ред од словенските литератури, објавен на македонски јазик.
Преводот од српски јазик е на Ленче Тосева. Објавувањето на книгата е финансиски поддржано од Министерството за култура на Република Македонија.
„Комо“ (2006) на Срѓан Валјаревиќ е еден од најбележитите српски романи во првата деценија. За романот авторот доби неколку награди, меѓу кои и наградата во Франција Prix des lecteurs du Var за 2011 година. „Комо“ е објавен во девет изданија на српски јазик и е преведен на неколку јазици – француски, германски, англиски, италијански, словенечки, бугарски, албански, шпански и шведски.
Оценет е како остар и ироничен, непосреден и интересен роман. Приказната е интересна, прилично автобиографска, и се однесува за писател кој добива книжевна стипендија и престој во „Вила Маранезе“ на монденското езеро Комо во Италија. Тоа е приказна со реминисценции на авторот, но и приказна за крајот на 20 век; за прогонствата, изгубените генерации, желбите можностите, пороците, судбините…
Срѓан Валјаревиќ (1967) ги објавил: книгата поезија „Џо Фрејзер и 49+24 песни“, прозната книга „Зимски дневник“ и романите „Лист на корката леб“, „Луѓе на маса“, „Дневник на друга зима“ и „Комо“. „Дневник на друга зима“ (2005) беше вклучен во десетте најдобри романи во југоисточна Европа, а беше награден и со српски книжевни награди. Прозата и поезијата на Валјаревиќ се преведувани на десетина јазици.
Успехот на неговата проза критиката го поврзува со стилот и пристапот во раскажувањето – Валјаревиќ раскажува меланхолично и интимно, со искрена непосредност со која ги освојува читателите и најчесто на исти теми: за осаменоста, егзистенцијата, скромноста, интимните ужаси и успеси.