Книга од Ивица Пртењача на македонски јазик

„Македонска реч“ неодамна ја објави поетската книга „Суровост“ на хрватскиот писател Ивица Пртењача, во препев од хрватски јазик на Никола Маџиров.

 

Ивица Пртењача е роден во 1969 година во Риека. Студирал кроатистика на Филозофскиот факултет во родниот град. Работи од својата петнаесетта година како читач на водомери, наплатувач на гас, доставувач на сладолед, магационер, градежен работник, галерист, сервисер на противпожарни апарати, трговец, книжар, водач на маркетинг, известувач, модератор на поетски вечери…

Неговата поезија е преведена на дваесетина јазици и е објавена во многу домашни и странски списанија, антологии и избори. Претседател е на одборот на поетскиот фестивал „Горанова пролет“. Добитник е на наградата за книжевност „25 Салон на младите“ (1998), наградата за најдобра збирка песни на „Квириновите средби“ во Сисак (2000), наградата „Киклоп“ за поетска книга на годината во 2006 година во Пула, а за книгата „Суровост“ е добитник на три престижни поетски награди – „Добриша Цесариќ“ (2010), „Киклоп“ (2010 – за најдобра поетска книга во Хрватска), како и меѓународната поетска награда на „Ратковиќевите вечери на поезијата“ во Црна Гора (2010), која се доделува за најдобра поетска книга на автор од Ц. Гора, Србија, БиХ и Хрватска.

Автор е на поетските книги: „Пишувањето ослободува“ (1999), „Ив“ (2001), „Земај сè што те смирува“ (2006) и „Суровост“ (2010), како и на романот „Добро е, убаво е“ (2006), кој во превод на македонски јазик го објави „Македонска реч“, драмата „Неделен ручек“ (2007) и збирката раскази „Кај Ив“ (2011).

За поетската книга „Суровост“ Делимир Решицки пишува:
Пишувањето на Пртењача сака отворено, со широко отворени очи, да комуницира со времето во кое живее, но во никој случај не сака да се додворува на упростените правила на денешното хрватско книжевно допаѓање од прво читање… Се надевам дека во тоа ќе се увери секој што ќе ја земе в раце `Суровост` – книга што со секој свој збор и болно и духовито, сака миговите на нечие можно читање да ги оддалечи од сите видови вакви или онакви суровости на кои сме (и биле и останале) изложени, знаејќи, а можеби и не знаејќи – зашто во голема мера веќе сме свикнале на нив. Можеби поезијата постои да нè разбуди токму од тој полусон.

You May Also Like