Во рамките на манифестацијата ”Скопје Сквер – плоштад на културата”, во ЈУ Универзална сала ќе се одржи вториот ”Акустичен сквер фестивал 2013”, на кој повторно ќе настапат млади кантавтори и групи со своја авторска музика изведена на акустични инструменти. Фестивалот ќе се одржи на 15-ти септември 2013 година во 21 часот на летната сцена поставена на платото пред Универзална сала.
На фестивалот можат да учествуваат кантавтори и групи од цела Македонија со свои авторски песни отпеани на Македонски јазик и изведени на акустични инструменти. Сите оние (без разлика на старосната возраст) кои се заинтересирани да учествуваат на акустичната фестивалска вечер на млади автори на музика и стихови, можат да се пријават на отворениот конкурс кој ќе трае од 01 јуни до 15 август 2013 година.
Својата авторска песна отсвирена на акустични инструменти во вид на демо снимка во мп3 формат треба да ја испратат на следнава е-маил адреса: info@univerzalna.com.mk со назнака: за ”Акустик сквер фестивал 2013”. Покрај снимката во меилот треба да го испратат насловот и текстот на песната, име и презиме на авторот на музиката и стиховите, изведувачот или групата, куса биографијана изведувачот, (ако е група биографија на групата и авторот на песната), е-маил адреса и телефон за контакт. Истите податоци можат да ги донесат и лично спакувани во плик во административните простории на Универзална сала ( службен влез, 3-ти кат), секој ден – од понеделник до петок од 9 до 15 часот во периодот додека трае конкурсот.
Селекционата комисија составенаод стручни лица и претставници на организаторот ќе ги преслуша песните и ќе ги избере финалистите на фестивалот, за што тие дополнително ќе бидат известени. Избраните кантавтори и групи на фестивалот ќе добијат по 10 минути за да се претстава со 2 до 3 свои авторски песни.
Оценувањето и рангирањето на најдобрите ќе го врши професионално жири составено од еминентни македонски музичари, композитори, текстописци, музички и извршни продуценти.. Организаторот најдобрите три композиции ќе ги награди со соодветни награди од наградниот фонд како: подарок акустична гитара за најдобриот кантавтор, комплети жици и трзалици, комплет книги на најдобриот текстописец, бесплатно студиско снимање и медиумска поддршка на наградените кантавторски песни, можност да се потпише професионален договор со една позната македонска продуентска куќа и да се стане нејзин ексклузивец, обезбеден настап на некои познати домашни фестивали и манифестации…и сл.
Во ревијалната програма на фестивалот како специјални гости се планира да се појават некои од водечките македонски кантавтори и групи кои со песни од својот авторски репертоар ќе ја збогатат фестивалската вечер.