Џајковски ќе настапи на фестивалот Сигет

Mакедонскиот композитор и музички продуцент Кирил Џајковски настапува на еден од најголемите музички фестивали во Европа, Сигет Фестивал, кој се одржува во Будимпешта, Унгарија, од 11. до 18. август. Настапот на еден од најпрепознатливите балкански електро уметници во светот, е закажан за 17. август.

kiril_dzajkovski

Џајковски на „Островот на Слободата“ ќе настапи заедно со ТК Вондер и МЦ Восп, а покрај него програмата на фестивалот вклучува бројни музички ѕвезди како „Д Продиџи“, Лили Ален, „Бонобо“, „Квинс оф д стоун ејџ“, „Пласибо“, „Стромае“, „Дедмаус“, Аксвел и уште многу други.

Кирил Џајковски годинава ја започна со настап како најдобриот „ЦЕЕТЕП“ артист за 2013, на најголемиот „шоукејс“ музички фестивал „Еуросоник“ кој се одржа во јануари во Гронинген, Холандија и беше првиот македонски артист кој до сега настапил на најреномираниот фестивал за европската музичка индустрија. Ова признание за пионерот во промовирањето на електронската музика ширум Балканот, пристигна по неговите извонредни настапи во 2013 на повеќе големи фестивали во Европа меѓу кои Рок Фор Пипл (Чешка), Егзит (Србија), Похода (Словачка), но и убедливо најголемиот отворен фестивал во Европа, полскиот Вудсток фестивал со 750.000 публика.

Оваа година пак, покрај настапот на Сигет Фестивал, Кирил Џајковски својата извонредна музика ќе ја претстави на големите музички настани во повеќе европски земји, како Белгија, Холандија, Романија, Португалија, Словенија и други.

You May Also Like