Во новиот монтажен објект во центарот на градот, кај Стопанска банка ќе се продаваат туристички материјали и сувенири. Проектот го реализира Министерството за култура, а ќе овозможи во 20 градови во земјава да се постават сувенирници за туристичка промоција на градовите.
– Најдоцна за две недели објектот треба да биде завршен. Сега е поставена металната конструкција, ќе следи поставување на кров и ѕидови, како и уредување на внатрешноста. Општината веќе работи на сувенири од градот, ќе бидат поставени и туристички промотивни материјали од типот на туристички водичи, фото календари, мапи на градот и друго. Градоначалникот на Штип ќе вработи едно лице, со факултет за туризам кое ќе работи во објектот, со цел истиот да биде функционален и да ја остварува својата намена, вели портпаролот на Општина Штип, Драган Ристов .
Тој додава дека сувенирницата е од голема важност за градот, бидејќи Штип од неодамна е град на нематеријалното наследство со празникот Четр’се, а кој влезе на листата на УНЕСКО.