Четврто издание на Филозофското филмско фестивалче на Филозофскиот факултет во Скопје, почнувајќи од денес …
На Филозофскиот факултет во Скопје денеска ќе почне Четвртото издание на Филозофското филмско фестивалче со предавање на тема „Тарковски како повод: кон една херменевтика на огледувањето“ на демонстраторот на Институтот за филозофија Перица Јовчевски.
Утре следуваат две проекции со модерирана дискусија: првата ќе ги прикаже филозофските аспекти на делото на Михаел Ханеке преку излагањето на Мариглен Демири, а втората е резервирана за Линчовиот Lost Highway со проекција на истоимениот филм и излагање на Стефан Палитов по што ќе следи општа дискусија.
Филозофското филмско фестивалче е необичен фестивал кој ја поврзува филозофијата со седмата уметност, обидувајќи се на непосреден начин да ја дофати филозофијата низ медиумот на филмот, но и да поттикне на филозофска мисла и акција кај љубителите на фил(м)ософијата во градот.
Филозофското филмско фестивалче своите скромни почетоци ги бележи во 2010 година кога на инцијатива на неколку студенти од Институтот за филозофија секој четврток во просториите на Филозофскиот факултет во Скопје се проектираа делата на филмски валикани како Тарковски и Бергман, се обработуваа документарни филмови од областа на филозофијата, се организираше ноќ на кратки филмчиња, а се одржа и незаборавното предавање на професорот Стефан Сидовски на тема „Филозофија и филм“.
Оттогаш Филозофското филмско фестивалче од неформален студентски простор за креативна размена полека но сигурно прерасна во заеднички простор за сите љубители на филозофијата и филмот, проектирајќи филозофски релевантни филмови и поттикнувајќи дебата за темите кои тие ги отвараа.