Институтот за ориентални јазици и цивилизации во Париз, од денеска (сабота, 24 ноември) го организира тридневниот саем за Балканските книжевности и култури, во кој што учествуваат триесетина писатели, издавачи и културни работници од сите балкански земји.
Оваа година Франција ќе му оддаде последна почит на уметничкото дело на прерано починатиот, врвен македонски режисер Владо Цветановски, со специјален филм подготвен од страна на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк и Факултетот за драмски уметности, во кого се содржани најзначајните претстави во неговата тридецениска кариера.
Филмот ќе биде прикажан на 24 ноември во Големиот амфитеатар на Институот за ориентални јазици и цивилизации, а на 25 ноември во 20.00 часот во познатиот париски театар Ле Палас, ќе се прикаже телевизиската снимка од неговата последна претстава “Архелаос или Еврипид се враќа на Балканот”, во изведба на Драмскиот театар од Скопје, која е и уметнички тестамент во неговото творештво, за вклучувањето на балканските култури во широката европска фамилија.