Во рамките на предвидените музички работилници за музика од целиот свет, организирани од “FOGEM Culture Center” од Северен Кипар, на 17 мај 2014 година, проф. м-р Петре Јованов ќе одржи мастерклас и музичка работилница за инструментот хармоника.
Освен работата врз различните техники за изведба на класична музика, проф. Јованов на учесниците ќе им презентира и дел од богатото творештво на македонската музика поврзана со инструментот хармоника. Ова ќе биде прво од циклусот предавања предвидени на оваа тема.
За посетители на овој настан, покрај професионални хармоникаши, голем интерес пројавија и музичари инструменталисти и професори по музика на кои хармониката не им е примарен инструмент.
На крај од целиот настан предвиден е и солистички концерт на Петре Јованов на кој ќе бидат изведени повеќе дела со различна содржина, почнувајќи од класични, преку неколку џез и вариете композиции, за да заврши со виртуозни мелодии од македонскиот фолклор.
„Ми претставува особена чест и задоволство што по трет пат ќе имам свој настап во овој прекрасен медитерански остров. Првиот настап ми беше кога имав 14 години, втор пат бев како студент, но овој пат моето гостување на Кипар ќе има сосема поинаква димензија“ – изјави Јованов.
Инаку, м-р Петре Јованов веќе 12 години е редовен професор по хармоника во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ во Штип и досега со своите ученици има освоено над 40 награди на значајни државни и меѓународни натпревари.
Во април тој имаше солистички настап на фестивал во Прага, а во тек на месец јуни ќе има неколку настапи во Шпанија.
Покрај неговата примарна професија како педагог, м-р Јованов од 2008 г. е и постојан диригент на мешаниот хор св.„Спасо Радовишки“ од Радовиш.