Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, денеска (четврток, 20 септември, 2012 година) во просториите на Министерството за култура оствари проштална средба со амбасадорот на Република Франција во Република Македонија, Н.Е. Жан Клод Шлумберже.
На средбата, на која присуствуваа и новиот вршител на должноста амбасадор г-ѓа Карен Роше и директорот на Францускиот институт во Скопје г-нот Жан Ив Лавуар, Канческа – Милевска се заблагодари за активностите и заложбите на амбасадорот Шлумберже за унапредување на соработката во областа на културата меѓу двете земји, како и за успешната реализација на голем број проекти од културата меѓу Република Македонија и Република Франција. Воедно, упати честитки за неговото именување и преземање на новата функција – шеф на мисијата на ОБСЕ во Приштина.
Канческа-Милевска истакна дел од многуте реализирани културни проекти во соработка со Француската амбасада во Скопје и Францускиот институт. Меѓу нив ги издвои Фестивалот на Францускиот филм во Охрид, потоа заедничките проекти од областа на литературата, архитектурата, театарот, танцот, а особено ја потенцираше соработката меѓу двете земји во областа на културното наследство.
Амбасадорот Шлумберже заблагодарувајќи се на одличната соработка со Министерството за култура потенцираше дека активностите за продлабочување на соработката ќе продолжат и во иднина.