Вчеравечер беше запален фестивалскиот оган на 42-те Мајски оперски вечери во Скопје …
На отворањето на годинешниве Мајски оперски вечери премиерно беше изведена операта „Симон Боканегра“ од Џузепе Верди. Со звуците на фанфарите и фестивалски оган, кој годинава пламна од рацете на примабалерината Александра Мијалкова, вчера во Македонската опера и балет започна новото, 42. издание на „Мајските оперски вечери“.
Во присуство на претседателот на државата Ѓорге Иванов, претседателот на Владата Никола Груевски и голем број вљубеници на оперската уметност, манифестацијата за отворена ја прогласи министерката за култура Елизабета Канческа- Милевска.
„Веќе 42 години, Мајските оперски вечери успешно ја остваруваат својата мисија. Тие се една голема интернационална сцена на која владее слободата на изразот и културната синергија на уметниците од целиот свет“, истакна Канческа-Милевска.
На отворањето на годинешниве Мајски оперски вечери премиерно беше изведена операта „Симон Боканегра“ од Џузепе Верди, во режија на Антонио Карло де Лучија. Со оркестарот и хорот на МОБ диригираше маестро Џанлука Мартиненги од Италија. Насловната улога ја имаше нашиот баритон Борис Трајанов , а настапија и Весна Ѓиновска-Илкова, Владимир Саздовски, Ѓорѓи Цуцковски, Владимир Андриќ од Србија.
Во рамките на 42-то издание на Мајските оперски вечери до 31 мај ќе бидат изведени пет опери и еден балет. Манифестацијата традиционално ќе биде затворена со изведба на операта „Аида“.
Во организација на Амбасадата на Италија, во фоајето на Македонската опера и балет до крајот на јуни е поставена и изложбата за Џузепе Верди по повод 200 години од неговото раѓање, кои светот ги одбележа минатата година.