Филмска проекција во чест на Мери Бошкова

Во Кинотеката на Македонија, во чест на Мери Бошкова, актерка која остави траен белег на филмското платно, на македонската театарска сцена и на телевизијата, утре (петок, 4 април), во 11:00 часот ќе се одржи проекција на филмот „Ангели на отпад“ (1995) во режија на Димитрие Османли, во кој Бошкова игра една од главните улоги.

Angeli-na-otpad-film (copy)

Бошкова, која како актерка од ова поднебје можеби најмногу се доближи до поимот филмска дива, ја толкуваше главната ролја во првиот македонски долгометражен игран филм ФРОСИНА (1952 г., р: В. Нановиќ), како и во првата македонска филмска комедија МИРНО ЛЕТО (1961 г., р: Д. Османли), а потоа и во ДО ПОБЕДАТА И ПО НЕА (1966 г., р: Ж. Митровиќ), НАЈДОЛГИОТ ПАТ (1976 г., р: Б. Гапо) и АНГЕЛИ НА ОТПАД . Актерски придонес даде и во повеќе тв-серии, а оствари и забележителни улоги во многу театарски претстави на матичната сцена во Македонскиот народен театар во Скопје, како и во драмата на Народното позориште во Белград, за што заслужено беше повеќекратно наградувана.

Со заминувањето на Мери Бошкова, Кинотеката на Македонија, македонската културна и општествена јавност, македонскиот театар и македонската кинематографија загубија една впечатлива личност, неуморен ентузијаст и креативец целосно посветен на својата професија – актерската игра.

 

You May Also Like