Филмовите нa Манчевски сеуште актуелни низ светот

Филмовите на Милчо Манчевски продолжуваат со активен меѓународен живот и долго време после нивните официјални премиери.

„Пред дождот“ е издаден на ДВД во Јапонија оваа година.  Дистрибутер е престижната куќа „Кинг рекордс“ која постои од 1931.  „Пред дождот“ имаше успешна дистрибуција во јапонската кино-мрежа во 1995.  Потоа беше издаден на ВХС, но и на ласерски диск, со што Јапонија стана единствена земја од оние педесетина што го дистрибуираа „Пред дождот“ каде што овој наш филм беше дистрибуиран на овој редок видео-формат.

Најновиот филм на Манчевски, „Мајки“ беше прикажан во Тексас.  Проекцијата се одржа на Универзитетот во Остин. Манчевски беше поканет како гостин, и после проекцијата тој имаше подолог разговор со публиката и со студентите од Универзитетот во Тексас.

„Прашина“, неговиот фантазмагоричен вестерн во Отоманското царство, беше прикажан на возобновениот Интернационален Фестивал во Измир, Турција на 23 и 25 април.  „Прашина“ е единствениот филм на Манчевски кој до сега не е прикажан во Турција, и 11 години по светската премиера, ова беше негова турска премиера.  На проекцијата присуствува и актерот Салаетин Билал, кој во филмот ја толкува значајната улога на отоманскиот мајор, а фестивалот воспостави видео-линк со Манчевски, кој се наоѓа во Њујорк, за разговор со публиката по проекцијата.

You May Also Like