Тереза Кесовија, Игор Џамбазов, Каролина Гочева, Ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“, Виолета Томовска, Калиопи, беа само дел од врвните уметници коишто вчеравечер, во Универзалната сала во Скопје, ги одбележаа 45-те години постоење на оваа Јавна установа од областа на културата на Град Скопје. На прославата присуствуваше и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
– Лав Николајевич Толстој во една пригода забележал: „Уметничките дела се големи само кога се достапни и разбирливи за сите“. Имајќи ја на ум оваа максима на големиот писател сакам да подвлечам дека, Универзалната сала низ годините ширум ги отвораше портите за културна комуникација со светот и стана вистинско ехо на македонските творечки импулси како и впечатлив мегдан за презентирање на најновите достигнувања во регионални и светски културни рамки. Верувам дека секој наш граѓанин, љубител на културата, барем еднаш во животот бил во Универзалната сала. Во Универзалната сала културата се создава, се претставува, се менува и пулсира во ритамот на градот. Сево ова го прави градот Скопје дестинација за посета на најпребирливите љубители на уметноста. Затоа сум сигурна дека токму овде ќе проследите настан кој одговара на вашата дефиниција за современата култура, рече директорот на Универзална, Бошковска.
Манифестацијата по повод 45-от роденден се одржуваше под мотото „Универзална тогаш, сега и засекогаш“, а присутните имаа можност да го гледаат документарниот филм снимен по повод овој јубилеј и да ги проследат музичките настапи на 14 реномирани уметници од земјава и странство, коишто во изминатите четириесет и пет години настапувале на сцената на Универзална сала – Скопје.
Непосредно по катастрофалниот земјотрес во Скопје, во 1963 година, почната е изградбата на Универзална Сала, како трајно одбележување на хуманата акција на дарителите од странство. Официјално Универзална Сала почна со работа на 1 Јануари 1966 година. Извонредните сценски и капацитетни услови, заедно со сите пратечки функции на објектот, во амфитеатрална поставеност на гледалиштето, овозможуваат оптимални услови публиката да ја следи реализацијата на концертите на сериозна, забавна, фолклорна, етно, блуз и џез музика, поетски манифестации, драмски претстави, модни ревии, презентации, конгреси, советувања, трибини, спортски манифестации и други приредби. Малата сцена со капацитет до 300 седишта, комплетно акустички решена, овозможува реализација на камерни претстави, концерти на сериозна и џез музика. Сценскиот простор со којшто располага салата овозможува повеќе варијанти на користење на сцената со вкупна површина од 400 м2.
Универзална Сала располага со гледалиште со капацитет од 1500 седишта комплетно озвучување (JBL) со јачина од 15 киловати, светлосен парк со јачина од 100 киловати (рампа, скенери, машина за магла, видео бим и др.),можност за аудио и видеозапис, концертен и полуконцертен клавир марка Petrof, простор за оркестрација, комплетни сценографски решенија, изложбен простор во холот на салата во должина од 70 метри, а досега во Универзалната сала, одржани се преку 5 000 настани од различни жанрови, на сцената продефилирале околу 50 000 домашни и странски учесници и во неа присуствувале над 7 милиони посетители.