Утре (среда, 2 јули) на платото на МКЦ со бесплатни проекции на вело – филмови, музика и дружење ќе се претстави еден од најголемите фестивали на велосипедски филмови – The International Cycling Film Festival.
Меѓународниот фестивал на велосипедски филмови (The International Cycling Film Festival, http://www.cyclingfilms.de/) е непрофитен филмски фестивал кој се одржува еднаш годишно во два града во Европа – Херне, Германија и Ченстохова во Полска. Мисијата на фестивалот е да ја зајакне меѓународната соработка на полето на велосипедизмот преку филмови посветени на развојот велосипедската култура. Фестивалот има за цел да ја промовира интеракцијата помеѓу креаторите на ваквиот вид на активистички филмови и велосипедистите ширум светот. Досега, Меѓународниот фестивал на велосипедски филмови има прикажано повеќе од 150 карти филмови во 30 земји ширум светот од неговото прво издание во 2006 година. Секоја година, повеќе од 20тина филмови се натпреваруваат за наградата “Златен запчаник” за најдобар филм од гласовите од публика. Свој придонес кон фестивалот и неговото меѓународно етаблирање допринеле и браќата Нејстат, оскаровецот аниматор Мајкл Дудок, светски познатиот велосипедист Лукас Брунел и многу други светски филмски дејци. Фестивалот е под раководство на “Team Hollandse Frietjes” организацијата за аматерски велосипедизам.
На последното издание на Меѓународниот фестивал на велосипедски филмови во 2013 година биле прикажани повеќе од 17 филмови од 10 земји од светот.
За прв пат овој фестивал на иницијатива на Младинскиот културен центар и организацијата На Точак, овој меѓународен фестивал ќе гостува со своја програма во Скопје. На 2 јули со почеток од 21.00 часот со бесплатни филмови на платото на МКЦ, музика со специјален гостин диџеј и дружење со гостите организатори од фестивалот, публиката ќе има можност повеќе да се запознае со ваквата активистичка форма на филмови кои директно придонесуваат кон развој на свеста за еколошкото и општествено добро од користењето на велосипедот како превозно средство.
Партнер соработник на овој настан е организацијата На Точак од Скопје.