Традиционално, по четврти пат, од 15 до 21 јуни ќе се одржи интернационалниот фестивал на креативен документарен филм „МакеДокс“.
Централната локација на сите случувања и овојпат ќе биде Куршумли ан во Старата Скопска Чаршија. Од оваа година новитет на фестивалот се репризите на филмовите кои ќе бидат прикажани во Младинскиот Културен Центар (МКЦ).
Љубителите на документарни филмови ќе имаат можност да погледнат вкупно 27 остварувања од светската документарна продукција.
Овогодинешните документарни теми ќе бидат поделени во четири програмски целини:
главна програма, нови автори, балкански документарци, краткометражни документарни филмови.
Локациски и оваа година фестивалот ќе се одржи во Куршумли Ан, каде ќе бидат организирани повеќето случувања, а новитет за оваа година се репризите на филмовите кои ќе се одржат во Младински Културен Центар (МКЦ).
Поделени во четири натпреварувачки категории, документарните филмови ќе бидат оценети и наградени од различни жириа. Официјални награди на МакеДокс се:
– Кромид- за најдобар филм во меѓународната натпреварувачка програма
– Млад кромид- за најдобар филм на нов автор (прв или втор филм)
– Кокарче- за најдобар филм за деца и млади
– Награда за филм за најдобри Етички идеи
И оваа година составен дел од фестивалот се работилниците, дискусиите под смоква, мастер клас, вечерните DJ сетови, изложбите. За време на фестивалските денови ќе бидат присутни околу 40тина истакнати режисери, продуценти, луѓе од меѓународната документарната филмска индустрија кои ќе ги претстават своите филмови и ќе ги споделат искуствата од својата работа.
Она што му претходеше на фестивалот беа проекциите за деца и млади организирани во Кинотеката на Македонија. Од 7-ми до 17-ти мај, благодарение на Кинотеката на Македонија и Шпанската амбасада во Р. Македонија, традиционално реализиран проектот „МакеДокс во Кинотека“ на кој беше прикажан рекрасниот шпански филм „Мал свет“ на Марсел Барена.
Проекциите ги погледнаа 1.764 деца од вишите одделенија од 10 скопски училишта. Нивните реакции беа повеќе од добри. Од оваа година, проекциите во Кинотеката на Македонија се со малку поинаков концепт: наместо еднаш годишно, проекциите за организирани училишни групи на основци ќе ги реализираме во три наврати: мај, септември и февруари.
Значајно е да се споменат и целогодишните активности наменети да го поддржат
образовниот систем во Македонија. Имено, како дел од проектот „МакеДокс во училница“, кој е поддржан од страна на Националната дотација за демократија (National Endowment for Democracy) од Вашингтон и „Пипл ин нид“ (People in Need) од Прага, во март беше издаден Прирачник за користење на документарни филмови во наставата, наменет за наставници по граѓанско образование и социологија во средните училишта во Република Македонија.
Деветнаесет наставници од осум градови во Македонија беа обучени и користеа документарни филмови како дел од пилот-фазата на овој проект.
Фестивалот и оваа година ќе го продолжи своето патување низ Македонија. Со нашето
Патувачко кино повторно ќе се обидеме да ги децентрализираме културните случувања и да им донесеме одредена културна доза и на останатите места.