Заврши Здраво Млади #4: Еден ден/ноќ, две фестивалски сцени, пет изведувачи, 16 натпреварувачи во Dance contest-от, оооодлична скоро 2000-на публика и уште подобра атмосфера…, беа факти и одлики на годинешното издание на фестивалот.
Тимот на Здраво млади сумира: „На главната фестивалска бина фестивалот го отворија словенците TRUS!. Имаа одличен настап иако публиката сеуште „незагреано“ ги проследи нивните звуци… По нив следуваше панк-екипата во домашни дресови, скопскиот состав „Фонија“, дефинитивно бендот кој е младост и потенцијал, а истовремено и гордост на македонската независна сцена. The Soft Moon беа следниот бенд кој „распали“ на коцката пред МКЦ. Неверојатно, но вистинито, бендот кој се уште не е освестен од последната турнеја на големите “Depeche Mode”(настапија како предгрупа на 9 концерти во Февруари) „згрме“ и музички ја освои публиката. Потоа се појави легенда во движење и тоа какво движење… Која и неговите Disciplin A Kitschme…, енергија и експлозија, владеење на бината. Публиката веќе ја достигна квантитативната кулминација, а следуваше емотивен делириум. На сцена стапнаа „!!!“… Настап за респект, повеќе од час и половина харизматичните „амери“ свиреа, пееја, танцуваа, едноставно „газеа“ на подиум. Скопје официјално е на актуелната светска концертна мапа.
На помалата сцена се одвиваше Dance contest. Dance contest-от ги исполни очекувањата и ја разигра публиката во периодите помеѓу настапите на бендовите. Од 16 пријавени натпреварувачи, на сцената се појавија најхрабрите 11, а од нив најрасположена беше Сања Арсовска која ја освои и наградата – брендиран Здраво Млади велосипед од „Skopje fixie“. MC на овој дел од програмата беше Да Џака Накот, а зад грамофоните застана маестро Гоце (САФ), кој со своите битови комуницираше со публиката до раните утрински часови.
Не смееме да го заборавиме ниту визуелното искуство и визуелниот дизајн кој специјално за фестивалот го обликуваа VJ Aleerta (Чиле/Холандија) & VJ Vidbeat (Турција).
Годинава Здраво Млади создаде и неколку пријателства (ХП Македонија, Skopje fixie, Urban Club, Sziget фестивал), а богами додели и неколку награди.
Покрај велосипедот на „Skopje fixie“ и 2 фестивалски влезници за фестивалот Sziget во Будимпешта, ХП Македонија на најинвентивниот фотограф му додели принтер за фотографии HP ink advantage 5525. Принтерот го освои Слободан Поповски (aps_real) со другарска фотографија поставена на instagram“.