Работилницата за правците и тенденциите во литературите на Македонија и Бугарија во 21 век, како и на вечерната презентација за новата македонска книжевна генерација во КИЦ Софија …
На два последователни настани во Културно-информативниот Центар на Македонија, во рамките на Работилницата за правците и тенденциите во литературите на Р.Македонија и Р. Бугарија во 21 век, како и на вечерната презентација за новата македонска книжевна генерација, полни сали и голем интерес на публиката во Софија.
Пред бројни претставници од Друштвото на писателите и ПЕН Центарот на Р. Бугарија, претставници од Дипломатскиот кор и медиумите, македонската книжевна делегација составена од академиците Катица Ќулавкова, Влада Урошевиќ, проф. Наташа Аврамовска, Никола Маџиров, Владимир Мартиновски, Румена Бужаровска, Калина Малеска, Фросина Стојковска, Ѓоко Здравески и Ненад Јолдески, со своите претставувања и интерпретации на нивните дела и на македонски и на бугарски јазик, го задржаа вниманието на публиката подолго од три часа. Академик Ќулавкова беше модератор на Работилницата, вечерниот настан го отвори директорот на Центарот Васко Шутаров, а текстови интерпретираше актерот Иван Калошев.
Во текот на вториот ден од посетата на Р. Бугарија, македонската литературна делегација ќе оствари посети на Универзитетската библиотека на Софискиот Универзитет и Бугарската Академија на науките. Предвидени се и неколку средби со најголемите писателски имиња од бугарската литературна сцена.