По повод 8-ми Март – Меѓународниот ден на жената, Детскиот културен центар „Карпош“, утре и задутре ќе ги организира традиционалните Манифестации „Играм и пеам за мојата мајка“ и „Цртам за мојата мајка“.
ДКЦ „Карпош“, по повод Меѓународниот ден на жената, секоја година го организира годишниот фолклорен мултимедијален концерт, „Играм и пеам за мојата мајка“, што годинава ќе се одржи утре на (6 март, четврток), во 19:00 часот, во Универзалната сала-Скопје.
Фолклорната секција при ДКЦ „Карпош“ е верен чувар и продолжувач на македонскиот фолклор и традиција, претставени преку песната и орото, а утревечер ќе ги претстави пред сите љубители на македонската фолклорна ризница. На концертот ќе учествуваат над 300 деца, членови на фолклорната секција на ДКЦ „Карпош“, на возраст од 5 до 19 години.
По повод 8 Март, во организација на Детскиот културен центар „Карпош“ ќе биде реализирана и традиционалната изложба на деца од предучилишните установи на тема „Цртам за мојата мајка“. Изложбата ќе биде отворена во просториите на Центарот на 7 март (петок)/ со почеток во 10:00 часот. За децата од градинките е организирана пригодна програма на која со песна и разговор за нејзината професија ќе им се претстави Андријана Јаневска.