Македонскиот уметник и дизајнер Тони Димитров доби награда за користење фотографија за илустрирање книга, на третиот Фестивал на илустрации на книги „BookILL Fest“ во Нови Сад, организиран од Банатскиот културен центар.
Наградата му е доделена за насловната страна на поетската книга „Шеќер по подот“ на Снежана Стојчевска, издание на „Или Или“ од Скопје. Корицата на книгата беше и на изложбата по повод фестивалот, кој се одржа во рамки на 20. Меѓународен саем на книгата во Нови Сад од 28 февруари до 4 март.
„Шеќер по подот“ на Снежана Стојчевска е дел од едицијата „Русалки’’ во издание на „Или Или“, во која се уште три книги на современи македонски поетеси – „Мижитатара“ на Катерина Батаклиева, „Жега“ на Аница Блажевска и „Ладно кафе“ на Цветанка Колева. Наградениот Тони Димитров е автор на комплетното техничко уредување, фотографијата, дизајнот на кориците и дизајнот на логото на едицијата „Русалки’’.
„BookILL Fest“ е меѓу ретките фестивали кои се однесуваат на илустрациите на книги, на кој годинава покрај српските автори, учествуваа и дизајнери, илустратори и уметници од Шпанија, Франција, Италија, Словенија, Италија, Хрватска, Црна Гора…
Беа доделени награди за најдобри илустрации во четири категории: поетска книга; прозна книга; книга за деца и примена на фотографија во илустрирање на книга, како и посебни признанија надвор од категориите.