„Млади и медиуми – дигитална вечер” е насловот на петчасовното техно доживување закажано за вечер (сабота, 8 ми февруари), со почеток во 23:00 часот, во малата сала во спортскиот центар Борис Трајковски.
Организаторите, Радио МОФ, Метаморфозис и Prime Info ги најавуваат LIVE настапот на берлинскиот техно артист Александер Ковалски и DJ настапот на загребскиот продуцент Петар Дундов, кои во Македонија се претставуваат за прв пат.
Покрај нив, на овој редок електронски музички настан кој ги спојува западно-европската и балканската музичка електронска продукција, ќе ги чуеме и Speedy од Белград, како и домашните ДЏ-и, Горан Кан и Виктор Апостолски.
Настанот има за цел да ги промовира комуникациските вредности на 21от век, како што се дигитализацијата, електронската музика, визуелизациите, новите медиуми, социјалните мрежи и другите форми на електронска и дигитална комуникација и продукција.
Во тој контекст, Радио МОФ ќе обезбеди видео пренос во живо преку интернет стрим, на следниов линк: http://www.radiomof.mk/digitalnight.
Александер Ковалски од Берлин е еден од омилените артисти на музичките критичари кои овие години му доделија титули како најдобар продуцент, најдобар настап во живо и две номинации на “German Dance Awards”. Карактеристично за Ковалски е тоа што е фокусиран на настапи во живо и што продуцира познати ремикси за артисти како Paul Kalkbrener, Funk D Void, Agoria…
Петар Дундов доаѓа од Хрватска и важи за еден од најпочитуваните артисти на Балканот. Без сомнеж, Дундов е и еден од најуникатните продуценти на денешницата и еден од најпоитуваните на Балканот. Низ годините има настапувано на многу престижни светски фестивали како “I love techno”, “Exit”, “Awakenings”, “Wire” и во култни светски клубови како “Berghain”, “Matter”, “Womb”, “Air”, со огромна поддршка од Sven Vath, Laurent Garnier, Adam Beyer, Josh Wing, Guy J, Hernan Cattaneo.
Speedy доаѓа од Белград и e веќе познат на македонската техно публика, а се вбројува меѓу најзаслужните артисти за враќање на техно сцената во Србија.
Горан Кан и Виктор Апостолски ќе дадат домашна музичка поддршка, а за визуелизациите задолжени се Lazy Kidz Visualz.