Во организација на здружението Иницијатива за независен културен активизам ИНКА ,од среда 23 до недела 27 јули, на Летната сцена при ЦК „Браќа Миладиновци„ Струга ќе се одржи фестивалот за процесирање култура ДРИМON.
Под мотото „нурни длабоко“ и оваа како и минатата година организаторите подготвија богата и разновидна програма која нуди можност да се доживеат тематски и жанровски различни области од уметноста и културата.
Програмата опфаќа предавања, креативни работилници, уметнички, театарски и музички перформанси, изложби, видео проекции на авторски филмови од Македонија. Оваа година застапени се и неколку странски учесници кои доаѓаат од Србија, Германија, Холандија и Франција. Програмска новина е летниот саем на книга во кој се застапени изданија на ИЛИ ИЛИ, Магор, Темплум, Македоника Литера и Блесок. Саемот заедно со базарот на уметнички производи ќе работат за време на целиот фестивал.
Фестивалот ДРИМОN е насочен кон оживување на креативната сфера на уметноста и културата во која лежи огромен потенцијал за подобрување на сеопштиот квалитет на живеење. Целта е со овој фестивал да претставиме “креативни производи“ кои се темелат на знаење, умешност, љубов, автентичност и корисност. Програмата на фестивалот ги следи современите културолошки текови. ДРИМОN пред се претставува автори од младата современа арт сцена во Македонија, но опфаќа и реномирани предавачи од академската и креативната бизнис сцена. Одзивот на посетители за првото издание беше изненадувачки добар и заедно со интересот од медиумската јавност за 5 дневните културни случувања во градот покрај Црн Дрим тие се поттик и надеж организаторите да опстојат во реализацијата на фестивалот и со квалитетни содржини и оваа година да ја намамат и анимираат публиката кон Струга. Исто како и првото издание, фестивалот ДримОN се реализира без финансии и на погон на добра волја од сите вклучени актери, почнувајќи од самите организатори, преку учесниците кои со ентузијазам и без инсистирање на надоместок го прифатија учеството на фестивалот, па до локалните бизниси и граѓанскиот сектор кои во рамки на своите можности помагаат да се испромовира фестивалот и домаќински да се угостат учесниците во програмата. .
– За нас оваа поддршка е од огромно значење и показател дека нашата иницијатива е препознаена како вредна за развојот на заедницата – велат од ИНКА.
Логистички Партнер во реализацијата на ДРИМON, и оваа година е Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, а очекуваат поддршка и од градоначалникот на Струга, Зијадин Села.
Ова издание ќе ја нурне публиката кон духовното промислување насочено да ги одврти загатките сугерирани во насловите на секој од 5 те тематски денови.
Иницијалниот ден Све(с)т во транзит е тематска целина која оди во потрага по проспективни рефлексии за иднината анализирана од аспект на духовниот данок на граѓанското движење сега. Монументите на минатото (работилница со авторот на изложбата МОнуМЕНТИ – Марко Кројач) како сведоци на преосмислувањето на идентитетот се конфронтираат со транзициските предели на сегашноста (инсталација на Игор Тошевски „Предел во транзиција“) . Нов(а) Све(с)т во зародиш создава пукнатини во актуелниот поредок. Во иднината што секавично заминува, колкава е додадената вредност што индивидуално ја должиме во духовниот буџет н аопштеството?! (18 % предавање на Небојша Илијевски).
Кадарен рез ги обединува аматерската и професионалната филмска продукција во Македонија, правејќи пресек од наградувани кратки филмови и од кратки филмски првенци, на авторите Милчо Манчевски, Игор Алексов, Елеонора Венинова, Наташа Гелева, Филип Матевски и Лидија Мојсовска. Како предавачи, публиката ќе ги чуе Стефан Сидовски и Игор Василев – Новоградска, кој е задолжен и за музичкиот дел од програмата на оваа вечер. Од филмското платно ќе не одалечи перформансот “Dis- connected” на Ана Лазаревска. Експериментална работилница за деца ќе водат младите уметници Милко Нестороски и Викторија Поповска.
Акцент на актуелни струи во архитектурата и урбаното живеење е ставен во програмската целина Проектирано живеењена третиот ден на фестивалот . Публиката ќе има прилика да учествува на интерактивно создавање на оригами инсталација под водство на архитектката Ивана Групче. Концептот за еко села и одржливи заедници ќе биде презентиран од ЈАн Зилјстра и Елена Дишлиевска, а за генетската архитектура на предавањето со наслов „Параметарски формации“ ќе зборува стружанецот Јоне Јанкоски. Со видео запис за необичното уметничко патешествие – арт проектот “DDevice” ќе се претстави уметничкото дуо ОПА. Со музички сет ќе настапи Никола Матоски –музичар и активист од ИНКА.
Уметност на улица, уметнички резиденции, слободни уметнички зони, современи аспекти на приментата уметност се дел од содржините во насловот на 4от ден од фестивалот „Утрешниот уметник„ . со работилница, презентација, изложби, ќе е претстават уметниците Катерина Микрут, Alexis Debeuf, Енкел Дика и Љубиша Камењаров. Инспиративната и секогаш вредна да се чуе Ана Јовковска – новинарка и активист, ќе одржи предавање со наслов „Слободни зони на урбаната совест„ – тема во која повторно фокусот е на личниот ангажман наспроти озонските дупки во природата и општеството. ДРИМON е една од дестинацииите на големата турнеја на дутото „ТИ„ од Белград. Тие заедно со DOJO која настапува пред концертното претставување на новиот албум на дуото „Видимо се“, саботно ќе ја раздрмаат и еуфоризираат публиката на фестивалот.
За крај доколку реалноста сеуште се чини сива, организаторите во последниот фестивалски ден, ќе понудат „Башка реалност„теми посветени на литературата. Присутните ќе се опробаат во креативното пишување преку неколку надреалистички вежби под водство на тимот на ИНКА, истите во преднајава за можеби најголемата ѕвезда на фестивалот Академик Влада Урошевиќ. Поетиката на градот како движечки сензибилитет во модерната поезија е тема та на неговото предавање со наслов Градот и чудесното. Во мета пространствата со две месечини ќе не одведе поетско музичкиот перформанс на поетот Никола Маџиров а, раскажувајќи своја приказна за Анаис Нин и дневниците кои го реосмислуваат живеењето или живот вреден да биде запишан, Буден театар ќе го затворат фестивалот со ремикс на претставата „Јас, Љубам, Бог“ .