Самостојната изложба на Драги Неделчевски (Ф1 ФСМ) ќе биде отворена денеска (22 јули 2014, вторник) во 20:30 часот во Ликовниот салон на Тутунска банка. Изложбата е со наслов: „ФОТОГРАФИ(И)“.
Изложбата се состои од 40 црно-бели фотографии – портрети од фотографи кои авторот ги фотографирал додека тие го фотографирале него. Фотографиите (со мали исклучоци) се направени последниве 4 години (2010 – 2014). Во време на разни его трипови, за оваа изложба, на прв поглед, може да се помисли дека е уште еден „его трип“, овојпат на авторот Драги Неделчевски. Фотограф ги фотографира своите колеги, додека тие го фотографираат него. Но, под маската на уште една егоцентрична ескапада можеби се крие материјал за идните истражувачи на феноменот на фотографијата. Кои биле фотографите (познати или не на авторот) кои се фотографирани? Со какви фотоапарати, (техника), се фотографирало? Каков е односот на фотографите кон чинот на фотографирањето? Ова се нешта кои често не се забележуваат. Најмногу затоа што фотографот најчето е скриен и се гледа само фотографијата што тој ја снимил. Ова е можност да го видиме фотографот во главна улога. И можност да се видат 40 портрети кои ги поврзува едно нешто: моментот и чинот на фотографирањето.