Австрискиот кинематограф Кристијан Бергер е добитник на Специјалната награда „Златна камера 300“ на 33-тото издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој ќе се одржува во Битола од 15-ти до 21 септември 2012 година.
– Бергер стана филмска атракција по „Белата панделка“ на Михаел Ханеке во 2008 година, кој го потврди неговото исклучително високо место во австриската и светската кинематографија, закитувајќи се со номинација за Оскар, но добивајќи и десетина други награди во разни краеви на светот. Уметничкото богатство и изразните вредности преку црно-белата фотографија во светската филмска уметност уште долго ќе се мерат до и по појавата на креацијата на „Белата панделка“ на уметникот Кристијан Бергер, информира ИФФК „Браќа Манаки“.
Пред овој филм тој важел за омилен фотограф на Ханеке, кој е најеминетниот австриски режисер во моментов. Во тандем снимија два од трите филма од првата, „австриска фаза“ на Михаел Ханеке, наречена „Трилогија на смрзнатите чувства“ – „Видеото на Бени“ (1992) и „71 Фрагмент на хронологијата на случајот“ (1994). Креативната релација продолжи и во „француската фаза“, со двата високо ценети и наградувани филма „Пијанистка“ (2001) и „Скриено“ (2005).
Роден е во 1945 година во селцето Ланс (Инсбрук, Австрија). По вокација е кинематограф, но истовремено е и иноватор на тоа поле, режисер на целовечерни играни и документарни филмови и репортажи. Се појавува и како продуцент, а некогаш и како сценарист. Во 1973 ја основал својата продуцентска компанија ТТВ Филм.
Негов прв целовечерен наслов е филмот „Рафл“ (1984), за кој уште на почетокот од кариерата ги добил сите престижни награди, а следат „Хана чудовиште, драга“ (1989), „Плоштадот Маут“ (1994), „Етнички идили“ (1996), „Сеќавањата на мртвиот човек“ (2002), „Не прави така“ (2004), „Мојот убиец“ (2005), а во 2007 филмот „Неангажираност“ на режисерот Амос Гитаи со Жилиет Бинош во главната улога.
Минатиот месец се објави и добитникот на „Златна камера 300“ за животно дело на годинашното фестивалско издание – италијанскиот кинематографер Лучано Товоли.
„Браќа Манаки“ на ова 33-то издание за првпат ќе биде отворен и затворен со македонски премиери – „Трето полувреме“ на Дарко Митревски за почеток и „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски за крај на фестивалот.