Изложба на фотографии на Александар Ѓорѓиев во Куманово на салонот на ЦК “Трајко Прокопиев” во Куманово …
Денес (среда, 1.10.2014) во 19:00 часот во изложбениот салон на Нациналната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово…
АНАГРАМИ ЗА СЕБЕПРЕПОЗНАВАЊЕ
Александар Ѓорѓиев е вљубеник во автентичното македонско античко, ранохристијанско и средновековно наследство. Оттука ништо нема необично кога за предмет на обработка ќе земе фрагменти од црква или манастир, мотив од некоја икона и мозаик, комбинирајќи ги со различни симулирани потези на четка кои на делата им даваат одмерена сугестија и надреалност. Визуелните колажи во слојноста содржат детали на препознатлив фрагмент кој во контраст со соседниот дел, го произведува оној провокативен момент на откривање и талкање по површината. Тој ги раздвижува линиите кои на предметот му даваат импресионистички или експресивни белези, со потези рамни на сликарските, при што авторот му дава необичен изглед и колоритност на основниот мотив. Дополнителните визуелни интервенции врз основниот мотив значат излегување од вообичаената претстава за визуелната стварност во која фрагментите достојно се преобразени.
Останува впечатокот за една техничка и естетски коректна фотоартистичка изведба со пријатно неповторувачко доживување на сликите на мотиви од Македонија, со што на јавноста и’ покажува дека и фотографијата, која ја позиционира во сликарски норми, може да егзистира како голем предизвик на мислата која, за да се движи, неизоставно користи анаграми за себепрепознавање.
д-р Владимир Величковски